Поради даночна реформа на САД банка „Credit Suisse“ ќе се соочи со трета годишна загуба

2018-02-13 14:20

 

 

 

Швајцарската банка „Credit Suisse“ очекува да ја забележи третата годишна загуба која ќе се должи главно на отпишување во износ од 2,3 милијарди швајцарски франци (2,45 милијарди долари) поради даночната реформа во САД.

Состојбата на финансиската институција минатата година треба да биде позната утре кога ќе биде објавен нејзиниот последен годишен извештај, објави „Блумберг“.

Но, дури и без промени во американскиот закон од крајот на минатата година, мала е веројатноста дека ќе покаже знаци на подобрување. Се очекува дека годишниот приход на финансиската институција ќе биде слаб и без влијание на Вашингтон, рече Дитер Хајн, аналитичар во компанијата „ Fairesearch “. Според неговите зборови, шефовите на банката „ќе треба повеќе да се фокусираат на управувањето со средствата. Јас дури и не знам зошто швајцарските банки сметаа дека би било добра идеја да се претвори инвестициското банкарство во јадро на нивниот бизнис“, рече тој.

Аналитичарите и инвеститорите ќе бараат во извештајот докази дека планот за реструктуирање на главниот извршен директор Тиџане Тиам продолжува да носи зголемување на приходите, пониски трошоци и подобрено управување со ризикот во трговските одделенија на банката. Тие, исто така, ќе сакаат да знаат дали банката собира нови пари, кои ќе ги стимулираат приходите и управувањето со имотот.

Очекувањата на „Credit Suisse“ се дека тоа ќе означи нов пораст во готовина, како во последниот квартал, така и во годината. „UBS Group AG“ и „Julius Baer Group Ltd.“ ја подигнаа границата, откако и двете ги подобрија своите цели за привлекување на нови пари во текот на годината.

Во исто време, сепак, не е исклучено банката да пријави и одлив на богатите клиенти поради програми за даночна амнестија и обелоденување на скриени средства во САД, Европа и други места во светот. Според банката, од 2011-та година, има пријавено одлив на повеќе од 40 милијарди швајцарски франци, откако нејзините клиенти почнаа целосно да ги спроведуваат даночните правила.