Поскапувањето на цените ќе трае до Нова Година

2021-07-07 20:00

На крајот на годинава ќе запре трендот на раст на цените. Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска вели дека инфлацијата досега се задржува во умерени рамки, но Централната банка веќе направи нагорна ревизија на стапка на инфлација од 1,5 на 2,2 отсто. Се очекува следната година инфлацијата да се стабилизира и да биде пониска.

Во овој случај се работи за глобални фактори, ние сме мала и отворена економија. Растат цените на примарните производи на светските берзи пред сè на енергијата, сведоци сме на повисок раст на цените на енергенсите, рече Анита Ангеловска Бежоска, Гувернерка на Народната банка.

Една од главните цени на Народната банка е ценовната стабилност, уверува гувернерката. А, дали и колку може да се очекува најавената Еколошката такса од Владата да направи ценовен дисбаланс, Бежовска конкретно не одговори…

Голем број на фактори влијаат на инфлацијата. Има фактори на страна на понудата, тука пред сè се увезените цени на коишто ние како економија немаме влијание и многу е важно што ќе се случува со побарувачката“, додава гувернерката Ангеловска Бежоска.

Првичните реакции на граѓаните пред неколку месеци дојдоа откако драстично поскапи маслото за јадење, потоа следуваше серија на раст на цените на останатите прехранбени производи и услуги. Најава дека цената на енергенсите ќе расте по намалувањето на бројот на заразени на глобално ниво пред извесен период стигна и од Регулаторната комисија за енергетика.