Бизнис-заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции, не само закажување и одржување состаноци, туку и сериозно земање предвид на аргументите кои ги изнесуваат и посочуваат компаниите, порача денеска советникот во Стопанската комора, Зоран Јовановски на првиот панел од конференцијата „Предизвици на економските политики во 2023 година“.

Според Јовановски, четирите клучни предизвици оваа година ќе бидат буџетот на државата, инфлацијата, ценовната конкурентност и екстерната побарувачка за македонските производи и услуги.

– Во однос на очекувањата за 2023 година, би рекол, ентузијазмот кај бизнис-секторот секогаш постои, само бизнис секторот не е еуфоричен, туку секогаш е умерен оптимист. Ќе повторам, бизнис заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции. Државна институција или Министерство ќе закаже состанок, состанокот ќе се одржи, ние ќе ги кажеме нашите размислувања, но работата ќе продолжи онака како што е примарно замислена од Министерството или институцијата и оди со објаснување дека „за ова е разговарано со Комората“. Всушност, тоа мора да се замени со „ова е усогласено или не е усогласено со Комората“. Владата ќе носи одлуки како смета, но ако влегуваме во размена на аргументација, убаво би било аргументите да бидат соодветно третирани, истакна Јовановски.

Тој укажа и дека бизнис заедницата бара респонзивност, посочувајќи го притоа како пример законот за заштита на потрошувачи во кој, како што рече, има многу нејасностии.

– Испративме допис до премиерот и до министерот за економија. Очекуваме одговор. Бизнисот сака да работ согласно законите, но има потреба нејасното да се разјасни, подвлече советникот во Комората.

Јовановски се осврна и на најавеното зголемување на минималните плати.

– Минималната плата ќе се зголеми, но не е прашањето дали компаниите може да се справат со трошокот од зголемување на минималната плата, туку кога ќе се покачи минималната плата се набива структурата на плати во фирмите и целата таа структура мора да се подигне нагоре, укажа Јовановски.

Пред него на панелот насловен „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“ зборуваше министерот за финансии, Фатмир Бесими кој најави дека годинава ќе има раст повисок од 2022-ра. Растот, нагласи Бесими, може да се реализира преку реформи и зголемување на инвестициите.

Говорници се и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.

Конференцијата, која ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, ја отворија премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Советот Глигор Бишев. Ковачевски во обраќањето уште еднаш порача дека бизнис заедницата има сериозен партнер во оваа Влада. Тој повтори и дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.