Повеќе од 1,8 милиони евра годишно легнуваат на сметка на пензионерските здруженија. Пари кои на пензионерите им се земаат како задолжителна членарина од пензиите. 

Според последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување објавена за минатата година, во декември 314.368 пензионери се согласиле да им се запираат пари од пензиите за Солидарниот фонд како посмртнина, а со тоа се согласиле да плаќаат и членарина на здруженијата. Всушност, ретко кој пензионер (вкупно има 335 743 пензионери) не се одлучува за плаќање посмртнина за да им олеснат на фамилиите по смртта, но доколку сакаат да плаќаат посмртнина пензионерите мора да плаќаат и членарина без разлика дали ги користат бенефициите на здруженијата. Додека дел од пензионерите немаат никаква корист што им се запираат 30 денари месечно за членарина, некои добиваат само календар за празници или учество во пензионерски игри, неодамна караниците меѓу кумановските пензионери за покачените надоместоци покажаа дека парите што им легнуваат на сметка на здруженијата очигледно не ги оставаат рамнодушни раководствата.

Овие 30 денари кои навидум изгледаат минорна сума кога ќе се земат од еден пензионер, кога ќе се соберат од сите 314.368 пензионери не се ниту малку за потценување. Секој месец по овој основ на Сојузот и здруженијата на сметка легнуваат повеќе од 150.000 евра или годишно од пензионерите од членарина во овие здруженија минатата 2022 година се слеае дури 1,843,600 евра.

во денари

МЕСЕЦ БРОЈ НА КОРИСНИЦИ НА ПЕНЗИЈА ОД КОИ СЕ ПРАВИ ЗАДРШКА ЧЛЕНАРИНА УПЛАТЕНИ СРЕДСТВА ДО СОЈУЗОТ НА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ
Јануари 308,429 30 9.319,650
Февруари 307,976 30 9.576,570
Март 308,363 30 9.355,170
Април 309,080 30 9.367,650
Мај 309,757 30 9.390,000
Јуни 310,040 30 9.381,840
Јули 310,900 30 9.411,540
Август 311,853 30 9.476,370
Септември 313,018 30 9.520,170
Октомври 313,837 30 9,529,950
Ноември 314,496 30 9.529,950
Декември 314,496 30 9.522,540
Вкупно 113,381,400

 

Противниците на одлуката на пензионерите задолжително да им се наплаќа членарина, сметаат дека овие пари ги користат само активните членови во здруженијата, но дури 80-90 проценти од пензионерите немаат никаков бенефит од тоа што им се одземаат овие пари. Еден од начините како овие здруженија може да функционираат е да се финансираат со изработка на проекти наместо да им задржуваат членарина на пензионери кои не стапнале во нивниве здруженија, ниту имале некој бенефит, велат тие.

Неодамна дел од кумановското здружение на пензионери обвини дека претставници на актуелното раководство си ги зголемиле надоместоците без, како што кажаа да го почитуваат Статутот. Раководството, пак, ги негира ваквите обвинувања, оценувајќи дека се работи за притисок во пресрет на изборите што треба да се одржат во март.

Собранието на Здружението на пензионери Куманово и делегати обвинија дека раководството донело одлука за зголемување на надоместоци за претседателот, потпретседателот и секретарот. Како што посочија на прес-конференцијата, раководството се повикало на непостоечка одлука, укината во 2016 година. Според нив, лицата две години добивале по 1.000 денари за присуство во Собрание, иако, како што велат, тоа не им следува.

– Зголемувањето на надоместоците за претседателот било од 12.000 на 14.000, на потпретседателот од 11.000 на 12.000 и на секретарот од 10.000 на 12.000 денари. Покрај оваа повреда на Статутот, направена е и уште една отстапка од споменатото раководство, на ним им се исплаќаат и средства за присуство на седници, иако тоа е незаконски, изјави тогаш Назим Емини, претседател на Собранието на Здружението на пензионери Куманово.

Сојузот на здруженија на пензионери вклучува 53 пензионерски здруженија кои добиваат средства според бројот на членови. Средствата кои ги добиваат здруженијата беа редуцирани од 45.000 денари по 10 000 или 25.000 денари

ОД СОЛИДАРНИОТ ФОНД ИСПЛАТЕНИ 400.000 ЕВРА ПОВЕЌЕ  

Сојузот на здруженија на пензионери од февруари лани го зголеми надоместокот за Солидарниот фонд. Наместо вкупно 150 денари (30 за членарина и 120 за Солидарниот фонд) сега од пензиите се одвојуваат 180 денари (30 членарина и 150 за Солидарен фонд). Пари кои кога ќе почине корисникот на пензија му се исплаќаат на неговото семејство како еднократна помош која во висина од 30.000 денари

Во 2022-ра година од Солидарниот фонд на фамилиите со починат пензионер им се исплатени 8,6 милиони евра за починати 18. 581 пензионер.  Во однос на 2021-ва година, лани се исплатени 400.000 евра повеќе.

во денари

MЕСЕЦ ИСПЛАТЕНИ СРЕДСТВА ОД СОЛИДАРЕН ФОНД (ДЕНАРИ) БРОЈ НА ИСПЛАТЕНИ БАРАЊА ЗА ПОЧИНАТИ КОРИСНИЦИ
Јануари 43,830,000 1,461
Февруари 43,680,000 1,456
Март 46,685,000 1,560
Април 46,675,000 1.867
Мај 46,725,000 1,869
Јуни 46,325,000 1,853
Јули 47,375,000 1,895
Август 47,100,000 1,284
Септември 39,570,000 1,319
Октомври 40,230,000 1,341
Ноември 40,380,000 1,346
Декември 39,900,000 1,330
Вкупно 528,475,000 18,581

 

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/clanarinata-od-18-milioni-evra-redovno-gi-raskaruva-penzionerskite-zdruzenija/