Ме држат на „црно“ се дури не најавам дека ќе си заминам: Македонија никако да стави крај на ваквото работење

Армија луѓе во земјава работат на „црно“. Истражувањето на Аналитика чии податоци беа презентирани минатата недела, покажуваат дека повеќе од 128.000 луѓе во Македонија работат на „црно“.

Дури 65 отсто од нив изминатиот период останале без егзистенција, затоа што работат во земјоделството, градежништвото и услужниот сектор, а тоа се дејности кои не функционираат со работа од дома. Овие граѓани немаат платени придонеси, здравствено осигурување и најчесто земаат ниски плати. Дарко Димовски, претседател на ССМ, вели дека системот треба да преземе мерки оваа појава да се сузбие.

„Системот треба да реагира за работата на „црно“, сивата економија, затоа што државата губи пари од даноци, а работникот добива пари во плик. Работењето на „црно“ не нуди никаква сигурност за работникот, тој не може да си ја планира својата иднина. Ако работникот нема склучено договор за работа со работодавецот, не може да ги оствари своите права доколку не му се исплати плата и во тој случај не можеме ние како сидникат да му помогнеме, ниту судот. Едноставно не може да докаже дека бил вработен. Тоа е работник фантом“, додава Димовски.

Многу од работниците прифаќаат да работат на „црно“, затоа што во земјава тешко се наоѓа работа и немаат избор. Газдите ги уценуваат, но тие чувствуваат дека немаат каде да се пожалат и се сомневаат во ефикасноста на институциите.

„Досега сум работела во три компании кои имале различен број на работници, од неколку луѓе па до над 200 работници. При вработување ми беше ветувано дека за два до три месеци ќе бидам пријавена, доколку се покажам на работното место, но тој период секогаш се пролонгираше, газдите не си стоеја на зборот, а со тоа трпев штети и денес имам помалку работен стаж од она што реално сум го сработела. Едноставно газдите имаат одврзани раце и си играат со трпението на работникот. Го држат непријавен сѐ додека не почувствуваат дека планира да си замине од работа, а сепак им е потребен“, вели Тања П, наша соговорничка.

Од Инспекторатот за труд, објаснуваат дека во 2020 година се изречени 25 мерки бидејќи  работници се затекнати непријавени. Се изрекуваат наредби за пријавување на работникот во даден рок, но со услов газдите да не го намалат бројот на вработени во рок од три месеци. Казните се движат до 1.400 евра, зависно од тоа за каков тип на работодавец се работи, односно колку вработени има.