Околу 150 илјади граѓани на кои им се насобрале камати поради неплатени долгови кон државни и јавни претпријатија ќе бидат ослободени од нивно плаќање со новото законско решение кое што го усвои Владата на денешната седница. 

Околу 150 илјади граѓани ќе бидат опфатени со Законот за отпис на камати за долговои кон јавните претпријатија. Владата го скрои текстот на законот кој првин ќе треба да помине на Собрание. Со оваа мерка граѓаните ќе имаат можност и главниот долг да го исплатат до 12 месечни рати. Како што образложи премиерот Заев, обврска на јавните претпријатија и на УЈП ќе биде во рок од три месеци да ја утврдат листата на должници, а потоа во рок од 15 дена да склучат договори со граѓаните за репрограмирање на долговите.

 

Околу мерката за отпис на долгови, премиерот апелира кон неа да се приклучат и приватните компании. Засега ги опфаќа долговите на граѓаните за неплатени сметки за вода, данок на имот, канализација и слично.

Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но и во законското решение и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив. Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните, рече премиеротЗаев..

Колку е вкупниот долг на граѓаните кон јавните претпријатија и колкава е висината на камати која со оваа мерка ќе биде отпишана дополнително ќе се утврди.