Објавен е јавниот повик за субвенции во рибарството и аквакултурата. Средствата се одобруваат за изградба и реконструкција на рибници и за капацитети за преработки од риби. Кофинансирањето е 50 проценти од вредноста на инвестицијата до најмногу 7 милиони денари по корисник. Повикот трае до 31 јануари…

Право за користење на финансиската поддршка за инвестиции во бизнисот со рибарството имаат фирмите кои се регистрирани за оваа дејност и кои имаат или користат имот на кој ќе градат рибници.

Парите се наменети за изградба на нови или за проширување и модернизација на постојните капацитети. Финансиска поддршка може да се побара и за изградба на нови објекти за преработка на рибите и набавка на опрема за обработка, складирање и пакување.

Финансиката поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина на 50 проценти на прифатливите трошоци. Ставката на ко-финансирање се зголемува и до 65 отсто во случаите кога барателите се млади или жени и доколку земјоделското стопанство се наоѓа во ридско-планинско рурално подрачје. Доделената финансиска поддршка е неповратна.

Барателите не смеат да ја почнат инвестицијата пред да потпишат договор за ко-финансирање со платежната Агенција.

Крајниот рок за поднесување на барањата по пошта или лично е 31 јануари, а доколку има помалку пари од поднесените барања предност ќе имаат оние кои први аплицирале.