Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ во рамките на проектот „Видео игротека“ распишува повик за концепт за видео игра на тема „Заштита на животната средина“ за деца и млади на возраст од 7 до 18 години. Целта е да се обрне внимание на бројните еколошки проблеми и енормната потреба од заштитата на животната средина, а воедно децата и младите да се поттикнат да ги користат новите технологии на креативен начин.

Сите заинтересирани ќе треба да смислат концепт за видео игра, и тоа децата на возраст од 7 до 12 години да приложат идеја и цртеж, а младите на возраст од 13 до 18 години да приложат концепт и 2Д/3Д цртеж (концепт арт или дизајн) за играта. Идеите ќе ги оценува стручно жири составено од програмери, гејмери, професори, а најдобриот концепт ќе добие награда.

Цел на проектот е да се промовира етички однос кон природата и ќе го потенцира овој проблем како многу битен и клучен за развој нa здраво општество и земја. Видео игрите кои се дел од активностите од проектот треба да послужат како алатки за подигање на општествената свест кај младите. Идејата е и младите да се запознааат со креативните можности кои ги нуди еден од најбрзо растечките нови медиуми, а тоа се видео игрите.

Право да учествуваат на овој повик имаат тимови и индивидуалци кои можат да аплицираат најмногу со по два концепти за видео игри.

Предлозите за игрите да се испраќаат на [email protected] најдоцна до 31 мај 2022.

Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ – Скопје, како единствена организација од овој вид во државата (која вклучува различни асоцијации од областа на креативните индустрии) посветена на унапредување и развој на сите сегменти на креативните индустрии. Проектот „Видео игротека“ е поддржан од Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ.