Потребно е да се воведе поголем и подобар механизам за заштита од нелиценцирани компании, да се постават повисоки стандарди за издавање лиценци и најважно од се, контрола на почитување на стандардите кои се наведени во лиценците, вели во интервју за МИА Билјана Глумац, сопственичка на Карго Експрес ДООЕЛ увоз – извоз Битола, поштенскиот оператор кој доби признание од Агенцијата за пошти за најголем обем во поштенската услуга – пакети, сегмент од пазарот за кој побарувачката е во подем.

Глумац наведува дека за разлика од пандемијата со КОВИД-19, која значеше експанзија за поштенскиот сектор, тековната енергетска и економска криза негативно се одразува на секторот. Посочува дека успешно се справуваат со проблемите благодарение на долгогодишното искуство, а го истакнува и значењето на инвестициите. За опстојување и успех во сегашните околности укажува дека е неопходно насочување, пред се, кон градење и одржување на квалитетен тим што е и најтешко, подобрување на продуктивноста и надградување на услугите кои ги дава.

Потрошувачки навики на граѓаните особено по ковид пандемијата се променија, а побарувачката за пакетските услуги на поштенскиот пазар е во подем, за што добивте признание од Агенцијата за пошти за остварен најголем обем.  Како одговараат домашните компании на овие трендови? 

– Пандемијата предизвикана од КОВИД-19, несомнено остави трајни последици, не само на поединечни компании, туку и на цели сектори. Добро знаеме со какви проблеми се соочуваа компаниите и колку од нив ставија „клуч на врата”. Но токму оваа пандемија пак предизвика експанзија на компаниите од поштенскиот сектор. До тоа дојде благодарејќи на експанзијата на Е-трговијата во нашата држава која во претходните години беше незначителна. Останувајќи затворени дома, луѓето почнаа да купуваат online и потребата од нашите услуги енормно се зголеми. Се отвори простор, не само за раст на веќе постоечките пошти, туку и за отварање нови. Самата бројка од 47 поштенски компании од кои најголем број се регистрирани по започнувањето на ковид пандемијата, зборува за значајната улога на поштенскиот сектор воопшто. Според последниот Извештај за анализа на пазарот на поштенски услуги за 2021 година, базиран на анкета на 600 испитаници (420 правни и 180 физички лица) кои користат услуги од други оператори освен од Пошта на РСМ, 76 проценти од физичките и 86 проценти од правните лица се изјасниле дека ги користат нашите услуги. Наградата која ја добивме се однесува на најголем остварен обем во поштенската услуга, пратка – пакет 651280 пратки доставени во 2021 година. Секако дека наградата е едно големо признание за нашата досегашна работа, но ние повеќе ја чувствуваме и како обврска кон нашите клиенти за поквалитетна и навремена услуга.

Што значат за работата на компаниите променетите трендови на поштенскиот пазар од аспект на вложувања, обуки, го фаќаме ли чекорот со светските искуства, има ли соработка на традиционалните поштенски оператори со онлајн платформите кои имаат свои мрежи на испорака…?

– Зголемувањето на побарувачката на поштенски услуги секако бара соодветен одговор и од нас како понудувачи. Вложувањата во нови транспортни средства, проширување на деловната мрежа и пред се зголемување на бројот на вработени, се клучни точки на кои Карго Експрес посветува најголемо внимание. Секако, најголемите инвестиции се во нови софтверски решенија, нови апликативни решенија и надоградување на корисничката поддршка се со цел задоволување на се поспецифичните барања на нашите клиенти.

Следејќи го пазарот и промените кои го следат поштенскиот сектор во целост, се трудиме да сме во чекор со нив меѓутоа во рамките на нашите стандарди .Успеавме да ги имплементираме новите технолошки решенија за поврзување помеѓу нашата платформа и домашните онлајн платформи со крајна цел купувачите да имаат поголема контрола и повеќе информации околу доставата на нивните пратки.

Со какви очекувања сте за натамошниот раст на овој и останатите сегменти од пазарот со оглед на тековната енергетска и економска криза?

– За разлика од пандемијата со КОВИД-19, која значеше експанзија за поштенскиот сектор, тековната енергетска и економска криза негативно се одразува на секторот. Посебно кај малите и недоволно искусни поштенски оператори, оваа криза доведе до голем пораст на трошоците и предизвика загуби во работењето. Секако дека и ние го чувствуваме притисокот на високите цени на енергенсите, но долгогодишното искуство ни покажало како успешно да се справиме со овој проблем и во овие услови да бележиме пораст во работењето. Се разбира, сите сакаме што побргу да заврши оваа криза, како не би го довеле во состојба на стагнација не само поштенскиот сектор, туку и целата економија.

Како опостојува една домашна компанија во вакви околности и што е најголем предизвик за операторите на слободниот поштенски пазар?

– За една компанија да биде успешна во овие околности треба да се насочи пред се кон градење и одржување на квалитетен тим што е и најтешко, подобрување на продуктивноста и надградување на услугите кои ги дава. Суштинската задача е менаџирањето да се сведи на континуирано следење, управување и со навремени промени во сите сегменти од работењето преку заеднички напори на сите вработени да постигне синергија во работењето.

Што треба да се промени во регулативата, генерално во условите за работа за фер и конкурентен терен за работа во услови на нелојална конуренција?

– Ќе се навратам на 2003 година кога бевме единствениот поштенски оператор, покрај Македонска пошта. Во овој сектор немаше конкуренција. Можеби ќе помислите дека беше лесно, но не беше, немате од кого да учите, немате со кого да се натпреварувате. Ситуацијата денес е поинаква, Карго Експрес работи во конкурентско опкружување што го сметаме за движечки фактор за развој на нашата компанија. Прашањето за лојалноста и фер работење го оставаме сепак на Агенцијата за пошти. Според мене потребно е да се воведе поголем и подобар механизам за заштита од нелиценцирани компании, да се постават повисоки стандарди за издавање на лиценци и најважно од се, контрола на почитување на стандардите кои се наведени во лиценците.

Како стоиме со кадар за оваа област, дали за младите е предизвик оваа работа?

– Секако дека недостигот од нов професионален и стручен кадар постои и кај нас, како и во целиот приватен сектор. Но Карго Експрес има голем број на вработени со искуство што го стекнале од отварањето на компанијата и кои се всушност обучувачи и ментори на секој нововработен. Посебно задоволство ни претставува кога на огласите за вработување пристигаат апликации од млади луѓе. За секој кој што сака да работи, да учи и да се надоградува, нашите вработени, искусни и докажани професионалци, стојат на располагање за обука која засега останува исклучиво наша обврска.