Веќе неколку месеци објавуваме фирми должници кои се сега веќе во стечај, некои од нив затворени или пред затворање, презадолжени и во тешка финансиска состојба. Досега објавивме детали за спроведениот грабеж од само 22 од вкупно 149 фирми. А за грабежот на депозити од Еуростандард банка, за најголемиот криминал во земјава во изминатите две децении и натаму молк од надлежните државни органи, се вели во денешното соопштение на здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка Правда за штедачи.

„Десет месеци наназад континуирано објавуваме за сторениот криминал. Потписите за одобрување на ненаплатливите кредити делени на вересија од Еуростандард банка се на високото криминално раководство составено од Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски, во улоги на долгогодишни претседатели на надзорен, кредитен и управен одбор на ограбената банка. Се разбира, таквото нивно лагодно криминогено однесување со подарување на нашите лични парични средства било поддржано од нивни приврзаници и соработници како во банката така и надвор од неа. Во таа насока одат и наодот од увидот на документите и извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, кои јасно и недвосмислено укажуваат дека банката одобрувала изложености иако истите не ги исполнувале критериумите за одобрување, дефинирани во кредитната политика, дека имало пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски во банката како и непочитување на интерните политики, процедури и одлуката за управување со кредитен ризик. Потврдено е масовно делење кредити покриени единствено со обични меници или обезбедувања чија проценета вредност била и значително пониска од изложеноста на клиентите. Како што наведовме многу пати до сега, сето ова не би било возможно да се случува со години доколку гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и други високи претставници од Народна банка не биле директно вклучени во грабежот на депозитите, со тоа што молчеле и ги одобрувале ваквите криминални дејствија со години.

И секако, третиот столб во криминалот се оние кон кои биле трансферирани нашите парични средства во форма на кредити, од банката према клиентите, со однапред направен план истите да се поделат понатаму и не се вратат од каде се земени.

Доказите за масовниот грабеж на депозити ги поседуваат надлежните институции од кои очекуваме да реагираат повеќе од десет месеци, но за жал сеуште молчат. И понатаму ќе продолжиме со објавите на останатите фирми и нивните сопственици, учесници во овој смислено организиран криминал и висока корупција“, соопштуваат од Правда за штедачи.