Аналитичарот Алберт Муслиу е косопственик на фирмата за производство, трговија, угостителство и услуги Теута-рам ДОО експорт-импорт Гостивар. Оваа фирма должи над 400 илјади евра во Еуростандард банка и нема ништо платено повеќе од две години пред да се затвори банката минатата година или неполни три и пол години до сега, се вели во денешното соопштение на здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банката Правда за штедачи. 

„Билансите на фирмата говорат дека таа има капитал од околу 240 илјади евра и долгови од околу 600 илјади евра. Фирмата нема активности подолг период, а нема ниту вработени. Освен кон Еуростандард банка, Алберт Муслиу должи и кон државата. Во последната листа на должници објавена од Управата за јавни приходи, долгот на Алберт Гафур Муслиу по основ на неплатен персонален данок на доход изнесува околу 16 илјади евра.

Долг кон Еуростандард банка има и фирмата за земјоделство, сточарство, производство, промет и услуги Прагматика ДООЕЛ Гостивар, која е во сопственост на близок член од семејството на Алберт Муслиу. Во извештајот за Еуростандард банка од стечајниот управник, оваа фирма должи околу 380 илјади евра и нема платено ниту една рата над две години пред затворањето на банката, исто толку време колку што нема платено и фирмата Теута-рам на Алберт Муслиу. Според завршната сметка од 2020 година, оваа фирма има капитал од околу 50 илјади евра и долгови од околу 326 илјади евра. Евидентно е дека долгот кон Еуростандард банка, кој е поголем од тековните и долгорочни обврски на Прагматика, не постои во финансиските извештаи на фирмата.

Овие две фирми, во чија позадина е аналитичарот Алберт Муслиу, припаѓаат во групата на фирми со спорни и сомнителни кредити кон Еуростандард банка. Тоа се тие фирми преку кои се извлекле, поделиле и покрале речиси 60 милиони евра од депозитите на физичките и правни лица во банката. И наместо Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да го повика Алберт Муслиу и членот од неговото најблиско семејство на распит, се дозволува фирмата Прагматика да влијае на одлуката која е донесена за продажба и впаричување на имотот на Еуростандард банка преку дејства за запирање на постапката наметнати од страна на Државното правобранителство.

Како што веќе беше објавено, на барање на Прагматика, Државното правобранителство отвара постапка со која приватизацијата на државно земјиште во корист на Еуростандард банка, нешто што самата држава го дозволила пред повеќе од 10 години, сега го оценува како спорно и со тоа се обидува да ја спречи продажбата на тој ист имот. И тоа е само затоа што оваа фирма има добиено одобрение за градење на тоа исто земјиште во Гостивар после затворањето на банката на 12 август 2020 година. И сега, наместо овие две фирми, кои се поврзани со Алберт Муслиу и неговото семејство, да ги вратат парите кои ги должат на над 3.000 ограбени депоненти во банката, тие вршат директна интервенција преку Државното правобранителство. Несомнено, целта е да се поништи легалната приватизација на државно земјиште реализирана пред повеќе од 10 години, за да може фирмата Прагматика да го преземе земјиштето поради нивни лични интереси. И се разбира, во земја во која што владеат криминалот и корупцијата, Државното правобранителство експресно реагира на барањето на Прагматика и врши притисок врз стечајните органи на Еуростандард банка за да се задоволат барањата на Алберт Муслиу и неговото семејство.

Со тоа, повторно се врши директна кражба на доверителите на банката, кои очекуваат до крај да се реализира продажбата на земјиштето во Гостивар кое е дел од стечајната маса, а за кое на одржаната јавна лицитација се јави купувач кој понуди цена повисока од проценетата.

Интересно е дека Државното правобранителство како заштитник на интересите на државата според редовниот тек на постапката, при постапката за приватизација од пред 10 години морало да биде повикано да даде изјава дали се повредени интересите на државата. Тогаш, веројатно произнесувањето на правобранителството било дека не се засегнати интересите на државата, но затоа пак сега, кога се вмешува фирмата Прагматика и Алберт Муслиу, интересите на државата биле засегнати. Затоа, се поставува прашање, чие е Државното правобранителство и чии интереси заштитува, на државата или на фирмата Прагматика и на Алберт Муслиу!? Смета ли некој во оваа држава дека обештетувањето на ограбените депоненти во Еуростандард банка има врска со јавниот интерес? Или пак место обештетување, сведоци сме на повторно ограбување, овојпат преку пљачкосување на стечајната маса на банката.

Затоа, јавно го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да престане да молчи и да се позанимава со сопствениците на фирмите должници во Еуростандард банка преку кои се одлеале и поделиле нашите депозити, а тука секако се и фирмите на аналитичарот Алберт Муслиу и неговото семејство. Од аналитичарот Муслиу очекуваме јавно да се произнесе за враќање на нашите лични парични средства што ги должат тој и неговото семејство кон ограбените депоненти на Еуростандард банка, исто како што тој често дели мудрости преку телевизиските канали што и како очекува да направат политичките партии во нашата држава. За да и тие политички партии, од кои очекуваме повеќе да не молчат и да се заземат за решавање на грабежот во Еуростандард банка во корист на нивните граѓани, да знаат каква личност ги коментира нивните активности и програми“, се вели во соопштението на Правда за штедачи.