Надлежните државни институции упорно молчат. И после поминати повеќе од осум месеци, го толерираат направениот масовен криминал со кражба на депозити од Еуростандард банка. Таков пример е и со фирмата Екопласт рисајклинг која има долг кон Еуростандард банка од 1,6 милиони евра, се вели во денешното соопштение на здружението Правда за штедачи.

„Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, Екопласт рисајклинг нема вратено ниту еден денар 803 дена од земањето кредит и до затворање на банката минатата година. За земениот кредит, на фирмата се води залог на опрема проценета на вредност од 460 илјади евра. Фирмата е основана во ноември 2012 година, со седиште во општина Гази Баба во Скопје, со непаричен влог од 5 илјади евра и со дејност производство на производи од пластични маси. Фирмата има двајца сопственици, Зоран Црвенковски и швајцарска фирма Атекс фарма сагл. Во 2019 година, Екопласт рисајклинг имала само еден вработен.

Увидот во билансите кажува дека оваа фирма во последните пет години била презадолжена односно пливала во долгови. Од 2015 до 2019 година фирмата имала и континуирани загуби од 165 до 450 илјади евра, долгови од 900 илјади до 1,8 милиони евра и негативен капитал од 150 илјади до 1,5 милиони евра. Во 2018 година, од тогаш кога се води ненаплатениот долг, фирмата имала загуба од 430 илјади евра, долгови од 1,7 милиони евра и негативен капитал од 1,3 милиони евра, односно задолженост од 420 отсто! Несомнено, единствено што можело да се случи за оваа фирма бил стечај, којшто е и отворен на 29 октомври 2020 година.

Како раководството на банката одобрило кредит на фирма која апсолутно не била кредитоспособна и бонитетна да исплаќа кредит!? Како тоа фирмата нема платено ниту една рата, ниту еден денар цели 27 месеци до затворањето на банката минатата година, а никој не реагирал ниту пак преземал нешто? Како е можно да се даде високоризичен ненаплатлив кредит од 1,6 милиони евра, а гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, видела, знаела, но молчела и не реагирала? Од кога тоа се даваат милионски кредити со четири пати помало обезбедување на фирми кои се презадолжени и во загуби, кои немаат никакви критериуми за враќање на било какво задолжување? Што е ова ако не чист грабеж. Кога раководните лица во банката, тие кои го иницирале, организирале и спровеле овој грабеж и оние кои ги земале туѓите пари а свесно не ги враќале, ќе одговараат? Кога ќе ни се вратат украдените пари? Кога ќе одговара гувернерката Бежоска за нејзиното соучество во овој организиран криминал?

Кога ќе се изјаснат вицепремиерот за борба против криминалот и корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ за овој масовен грабеж од банката во износ од околу 60 милиони евра? Што ќе каже министерот за финансии Фатмир Бесими за грабежот во банката споредено со финансискиот систем во земјата? Каде е финансова полиција, која е под директна надлежност на Министерството за финансии, да обзнани за овој грабеж“, прашуваат од здружението Правда за штедачи.