Судиите во Апелацискиот суд Скопје, кои работеле на предметот по жалбата на група доверители на Еуростандард банка против решението на Основниот граѓански суд Скопје (2СТ.бр.123/20 од 27 август 2021 година) со решение (ТСЖ-1554/21 од 23 септември 2021 година), не само што експресно ја одбиле жалбата само за еден ден, туку тоа го сториле без да навлезат во суштината на предметот. Тие постапиле несовесно и нестручно при одлучувањето по овој предмет, поради што депонентите, физички и правни лица, како доверители во стечајната постапка за Еуростандард банка, можат да претрпат ненадоместлива штета преку уште една голема неправда, се вели во соопштението на здружението на оштетените штедачи Правда за штедачи во кое се упатува јавен апел до Судскиот совет да постапи по поднесеното нивно барање за утврдување на одговорност на судиите.

Здружението бара и да се воведе мониторинг на стечајниот предмет (2 СТ.бр.123/20 на Основниот Граѓански Суд Скопје) по донесеното решение ТСЖ-1554/21 од 23 септември.

Доколку Советот на судии совесно и стручно го проучил предметот, тој ќе беше вратен на Основниот граѓански суд Скопје на повторно одлучување поради најмалку две процедурални причини. Терминот „посебна (sui generis) законска суброгација” е непознат во законската норматива во нашата држава и повикувањето на овој термин е недоволно јасно и недоволно образложено, па Основниот граѓански суд Скопје требал да објасни која е таа одредба по која е донесена одлуката и во кој закон таа одредба е содржана. Бидејќи судиите судат врз основа на Устав и закон. И доколку во судската одлука не е утврдено врз основа по кој член и по кој закон е донесена, истата е нејасна и неразбирлива, и тоа ја прави НЕЗАКОНИТА.

И второ, уште поважно, Основниот граѓански суд Скопје не ја спроведува Одлуката на Уставниот суд донесена на 25 мај оваа година. Судот не ги запрел правосилните акти од извршување односно шемата на утврдени побарувања на доверители во делот на Фондот за осигурување на депозити согласно правното мислење на Врховен суд од 7 октомври 2019 година и член 80 од Деловникот на Уставниот суд.

Повеќе од 3.000 семејства не можат да дојдат до правдата за нивните украдени парични средства кои сега можат да ги наплатат од стечајната маса. После 14 месеци молк на сите институции и на државниот апарат во целина за ограбената Еуростандард банка, време е да се донесе правична одлука во корист на граѓаните и фирмите кои се ограбени поради нефункционирањето на системот. Време е Судскиот совет да го истражи предметот и да делува. Одговорност мора да има и законите мора да се почитуваат. На потег е Судскиот совет“, се вели во денешното соопштение на Правда за штедачи.