Еднаш сме покрадени со затворањето на Еуростандард банка, а сега повторно ќе бидеме покрадени во обид да се отвори стечај над фирма должник. Направен е криминал со одобрени ненаплатливи кредити кон фирмите поврзани во „Групацијата Галафарм“ кои пливале во долгови и биле несолвентни, а сега несомнено целта е да се преземе лиценцата за производство на медицинско масло од канабис на фирмата „Галафарм“, се вели во денешното соопштение на здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банката Правда за штедачи.

„Се подготвува преминот на ‘лиценцата за марихуана’ на „Галафарм“ на фирма со бугарски капитал основана во земјава во септември минатата година. Таа фирма има намера да ја преземе „Галафарм“ без притоа да ги регулира долговите на фирмите од истата групација. Овој криминал е поддржан од познат извршител, а рочиште за отворање на стечај на „Галафарм“ е закажано во Основниот граѓански суд во Скопје на ден 23 јули, во време кога граѓанските судови се на колективен одмор. Криминалот е тежок повеќе милиони евра, доволно пари за да се поделат на оние кои се инволвирани во истиот, се разбира на штета на сите доверители чии парични средства се покрадоа преку организираниот криминал и корупција во Еуростандард банка, нешто што и понатаму продолжува да се случува со незапирливо темпо.

Бидејќи институциите континуирано молчат или пак некои од нив се вклучени во криминалот, останува да се запознае пошироката јавност и странските претставништва во земјава и оние во Брисел за нивото и начинот на продолжениот масовен грабеж на паричните средства на оние кои ги имаа доверено во лиценцирана и контролирана но ограбена банка.

Да почнеме со ред. Во извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски има групации од поврзани фирми кои учествувале во грабежот на депозитите од ограбената банка. Една од позначајните е „Групацијата Галафарм“, која кон Еуростандард банка должи околу 2.550.000 евра, до денот на нејзиното затворање минатата година. Оваа групација се состои од четири поврзани фирми: Галафарм ДООЕЛ, Галафарм 2 Елеонора ДООЕЛ, Де-Јо Јован ДООЕЛ и Информ ЛЛ ДООЕЛ, сите од Скопје.

Фирмите Галафарм и Галафарм 2 се носители на криминалот во оваа групација. Тие заедно должат околу 1.450.000 евра кон Еуростандард банка и немаат платено ниту една рата од кредитите цели 408 дена или од јуни 2019 година. И двете фирми се наоѓаат на иста адреса во општина Ѓорче Петров. Сопственик и управител и на двете фирми е Елеонора Спасовска.

Карактеристично и за двете фирми е што се депоненти на Комерцијална банка, како што е всушност случајот и со многу други фирми должници во Еуростандард банка. Се поставува прашањето дали долговите на Галафарм се прелеале од Комерцијална банка во Еуростандард банка, со рефинансирање на лоши пласмани или на некој друг начин.

Билансите на фирмата Галафарм потврдуваат дека во изминатите четири години, од 2017 до 2020 година, таа била презадолжена. Долговите се движеле од 4.400.000 до 4.600.000 евра додека за истиот период фирмата има негативен акумулиран капитал од 730.000 до 810.000 евра, односно задолженост од 118 до 122 отсто. За целиот тој период фирмата имала континуирани загуби. Со други зборови, фирмата имала екстремно висок ризик, најлоша кредитна оценка и висока кредитна изложеност од работењето. Како високоризична фирма не можело ниту па смеело да ѝ се додели кредитен лимит. Согласно перформансите, фирмата била и е неликвидна и не можела да ги сервисира тековните обврски со тековните средства. Слична состојба е и со фирмата Галафарм 2, каде резултатите од работењето се уште полоши од тие на Галафарм. Преку 5.000.000 евра во долгови и уште толку во негативен капитал, со континуирани високи годишни загуби повеќе години наназад. Коефициентот на задолженост на оваа фирма во 2020 година надминал 1.000 отсто, што е екстремна негативна вредност која ретко може да се види.

Додека за фирмите Галафарм и Галафарм 2 постојат хипотеки на станбен и деловен простор и залог на опрема во вкупна проценета вредност од 1.180.000 евра, поврзаните фирми Де-Јо Јован и Информ ЛЛ немале ниту хипотека, ни какво било друго обезбедување, а имаат вкупен долг према Еуростандард банка од 1.100.000 евра, кој бил  плаќан подолг временски период.

Елеонора Спасовска мора да одговори како нејзините фирми ги добиле ненаплатливите кредити додека имале екстремно лоши резултати. Високото раководство на Еуростандард банка не смеело да одобри каков било кредит, но го направило тоа. Без разлика од каде дошле долговите на овие фирми во банката, кредитирање не можело и не смеело да се направи.

Ова е само почеток на разоткривањето на криминалот наречен „Групација Галафарм“. Нашата цел е да покажеме како почнал, како се одвивал и како продолжува овој масовен грабеж во сегашно време. Имаме должност, човечка и морална, да го спречиме криминалот. Стечај на фирмата Галафарм не смее да се случи. Не смее повторно да бидеме покрадени.

Ги повикуваме надлежните истражни органи, финансиската полиција, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да реагираат. Го повикуваме и вицепремиерот Љупчо Николовски да направи нешто и да го спречи криминалот. Ова е негов ресор и времето за негово делување е поодминато“, соопшти здружението Правда за штедачи.