Фирмата за трговија и услуги Нико фарм ДООЕЛ Скопје се јавува како заинтересирана страна за добивање на лиценцата за марихуана за медицински цели која ја поседува фирмата должник во Еуростандард банка – Галафарм. Нико фарм е основана на 28 септември 2020 година со депонентна сметка во Комерцијална банка, кус период после затворање на Еуростандард банка во август минатата година, се вели во соопштението на здружението на пропаднатите штедачи на Еуростандард банката Правда за штедачи.

„Нико фарм е со седиште во општина Кисела Вода во Скопје и е основана со паричен влог од 5.000 евра. Сопственик и управител на фирмата е Николај Иванов Хинтоларски. Веднаш по основањето, фирмата стекнува сопственост над сите недвижности како и дел од подвижниот имот на фирмата Галафарм. Се чини дека единствено што недостасува е лиценцата за марихуана за медицински цели во поседување на Галафарм. Меѓутоа, Галафарм е должник во Еуростандард банка и има обврска да ги врати парите кои ги земала од банката, односно парите од депозитите на доверителите.

Со цел да не се вратат „позајмените“ парични средства, а да се преземе лиценцата за марихуана за медицински цели и без да се платат долговите, има план за итно отворање на стечај на Галафарм, за грабежот да продолжи и да се надгради. На сцената доаѓаат извршителот Гордан Станковиќ и судијката Сашка Трајковска. Според нашите сознанија, побарувањата на Еуростандард банка кон Галафарм и другите лица поврзани со Галафарм се реализираат преку извршителот Гордан Станковиќ. Но, износите што се предмет на извршување се далеку од реалниот долг на Галафарм кон Еуростандард банка, поради што се сомневаме дека се работи за спрега во која е вклучен и извршителот со цел да не се наплати целиот долг и до лиценцата за марихуана на Галафарм да се дојде по багателна цена, на штета на доверителите во Еуростандард банка, се разбира, кои повторно ќе бидат покрадени. Во оваа игра дополнително влегува стечајната судијка Сашка Трајковска од Основниот граѓански суд Скопје, која на сред судска ферија, кога судот не работи, закажува рочиште за претстечајна постапка на Галафарм. Не знаеме со сигурност за што се работи, но сите овие случувања се многу симптоматични и сомнителни, а кај оштетените доверители на Еуростандард банка постои длабоко убедување дека се работи за маневар во којшто се вклучува судот чија цел е повторно да се дојде до лиценцата за марихуана на штета на доверителите на Еуростандард банка. Никој од нас не верува дека тука се работи за чесни намери. Напротив, сите се убедени дека се работи за матни зделки пред очите на јавноста, но и на органите кои треба тие матни, подземни игри да ги следат и да ги спречат.

Еве им јавен повик, вклучете се и следете, случајот со Галафарм целиот „мириса” на криминал. Иако тоа беше јавно соопштено, сепак во случај да не се правда некој дека не бил запознаен, еве конкретна информација. На ден 23 јули оваа година, во 11:00 часот, во судница број XXIV на III-ти кат нов дел, за време на колективен одмор на Основниот граѓански суд Скопје, се закажува рочиште за отворање на стечај над Галафарм, кое ќе го води судијката Сашка Трајковска. Нашите сомневања за отворање на ваква постапка во време кога судот не работи се дека се работи за криминални мотиви, со цел, на мала врата, преку изигрување на законот, да се постигне целта и да се дојде до „бришан простор” за добивање на лиценцата за производство на марихуана на фирмата Галафарм. На органите на прогонот и борба против криминалот е тоа да го документираат и да го спречат.

Нашето убедување е дека, се разбира, стечај над фирмата Галафарм не смее да се отвори. Доколку тоа се случи, повторно ќе бидеме ограбени, а во исто време се сомневаме дека целта на фирмата Нико фарм за преземање на лиценцата за марихуана ќе биде задоволена. Тоа е и основната скриена причина зошто се отвора стечај над Галафарм. За да се задоволат тесни интереси на високо влијателни кругови, помогнати од познат извршител и една судијка, а повторно да бидат покрадени доверителите на Еуростандард банка“, се вели во соопштението на Правда за штедачи.