Текстилната индустрија пред тежок предизвик. Од една страна се соочуваат со намалени нарачки од странските партнери, а од друга, со отпуштање на работници. Дваесетина текстилни работнички до „Гласен текстилец“ се пожалиле дека поради намалување на обемот на работа, нема да им бидат продолжени договорите, а други пак, се приморани да потпишат трансформација од неопределоно на определено работно време.

– Се надевам дека работниците ќе бидат внимателни при било какви трансформации. Бидејќи, ако има намален обем на работа, повторно морам да потенцирам дека во Законот за работни односи децидно стои дека доколку фирмата, работодавачот, се соочува со сериозни потешкотии во работењето и треба да го намали бројот на вработени, тоа се прави со соодветна консултација со преставници од синдикатите,  меѓутоа и дека треба да им исплати испратнини согласно стажот на работниците во тие фирми, изјави Кристина Ампева, „Гласен текстилец“-Штип.

Најповеќе се засегнати помалите конфекции во источниот регион. Европските партнери си заминуваат во земји од далечниот исток, каде има доволно млада работна рака.

– Голем број компании си заминаа од кај нас. Помалите компании одвај живуркаат. Имаат проблеми, посебно оние во Македонска Каменица, Штип. Не знаат како ќе продолжат. Се надеват дека ќе најдат нови купци, ама тоа е многу тешко. Странците се свесни дека ние немаме млада работна сила и затоа на долг рок, губат интерес за работа во Македонија, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Годишните проекции за тековната година покажуваат дека ќе има пад на текстилното производство од 3 до 5%. Единствениот спас го гледаат во најавената мерка во номеври лани, за субвенционирање на платите на работниците, но се уште не се носи од страна на пратениците.