Собранието денеска треба да одржи продолжение на 120-та седница, со расправа по повеќе предлог закони и одлуки.

Пратениците треба да се изјаснат за Предлог одлуката за испраќање на припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан и за Предлог законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија зa меѓународен воден транспорт во Oхридското Езеро.

На дневен ред се и предлозите за именување директор на Агенцијата за администрација, за избор на член на Советот на јавните обвинители, за именување претседател и членови на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад, за именување претседател и членови на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, за именување на членови на Фискален совет…

На 120. седница треба да се расправа и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем, по скратена постапка, како и за Предлог законот за данокот на солидарност и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за данокот на добивка, по скратена постапка, а за кои е во тек расправа во Комисијата за европски прашања.

Ќе се дебатира и за предлог законите за изменување на законите за здравствената заштита, за платежни услуги и платни системи, и за земјоделско земјиште, како и за Предлог закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратеникот Моника Зајкова, Предлог законот за советодавен систем за земјоделството и руралниот развој, како и за Предлог-резолуцијата за продолжување на евроинтегративните процеси и за признавање и афирмација на јазикот, културата и суверенитетот на Сојузна Република Германија.