Во Собрание денеска треба да продолжи 136. седница на која треба да се разгледува Предлог законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани, по скратена постапка.

Владата го утврди текстот на Предлогот законот на 9 месецов, на предлог на Министерството за труд и социјална политика. Со него се уредуваат корисниците на финансиската поддршка и висината, начинот за обезбедување и исплатата на финансиската поддршка на социјално ранливите категории на граѓани.

Финансиска поддршка ќе добијат корисници на посебен додаток; корисници на правото на надоместок заради попреченост; самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош; корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари; ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари истуденти кои живеат надвор од местото на студирање.

Финансиската поддршка за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош – е предвидено да изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.

Поддршката за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари,  за период од пет месеци, е предвидено да започне исто така од месец декември 2023 година и да изнесува 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка. По 2.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата  на финансиската поддршка и 1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка.

-Исплатата на финансиската поддршка за: корисници на посебен додаток; корисници на правото на надоместок заради попреченост; самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари е предвидено да се изврши без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување,  за остварено право во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка, информираа од Владата.

Датумот на исплата на финансиската поддршка  е предвидено да се објави на веб-страницата на Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за труд и социјална политика, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Министерството за образование и наука, најдоцна до 5-ти во месецот за тековниот месец.

На 136 седница на Собранието треба да се расправа и за Предлог законот за задолжување на државава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Вториот проект за унапредување на социјалните услуги, по скратена постапка.