450 невработени лица се вклучија на пазарот на трудот преку мерката „Вработување и раст на правни субјекти“, која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година- Шанса за сите. Повеќе од 50 проценти од вработените лица, односно 286 лица се млади до 29 години, соопшти Агенцијата за вработување.

„За реализација на овие вработувања до сега се исплатени 59.060.500,00 денари од потсметката на Агенцијата за вработување, наменета за активни програми и мерки. Мерката поддржува креирање на нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации“ велат од Агенцијата.

Преку оваа мерка годинава е планирано да бидат вработени 497 невработени лица евидентирани во АВРСМ, а предност им се дава на младите лица до 29 години и корисниците на гарантиранa минимална помош. Вкупниот буџет за реализација на оваа мерка изнесува 76.279.000,00  денари.

Висината на грантот за вработување на едно лице на возраст над 29 години изнесува 92.000 денари, за лица до 29 години возраст висината на грантот за вработено едно лице изнесува 153.750 денари, а за лица корисници на гарантирана минимална помош висината на грантот за вработено едно лице изнесува 200.000 денари. Во еден правен субјект поддржано е вработување од најмногу 5 лица.