Министерството за финансии преку нови финансиски инструменти – развојни, зелени, проектни обврзници и обврзници индексирани со инфлацијата, ќе го финансира дефицитот на Буџетот за 2022 година што е проектиран во износ од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е помал за 2,2 проценти од БДП во споредба со предвидениот со Ребалансот на Буџетот за 2021 година.

Тоа, како што истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во експозето за Предлог-буџетот за 2022 година на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, се должи пред сѐ, на големото кратење на тековните буџетски расходи.

– Во 2022 година имаме историски највисоко ниво на капитални инвестиции и тие се позиционирани на ниво од 37,8 милијарди денари. Дефицитот од 33,5 милијарди денари и отплатата на долгот во износ од 11,6 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување, при што ќе се води сметка за оптимизација на трошоците за позајмување. Меѓу изворите за финансирање на дефицитот, Министерството за финансии првпат во историјата на економската независност воведува нови видови финансиски инструменти и тоа: развојни, зелени, проектни обврзници и обврзници индексирани со инфлацијата кои се дел од Планот за забрзан економски раст, рече Бесими.

Со инструментот „развојни обврзници“, нагласи тој, ќе е поттикне финансирањето на развојните проекти во земјата, а со тоа ќе се овозможи раздвижување на финансиските пазари.

– Овој финансиски инструмент, е поврзан со инфлацијата, ќе носи одреден купон и ќе биде првично наменет за населението односно за физичките лица, со можност да биде достапен и за банките, пензиските фондови и другите учесници на финансискиот пазар, појасни Бесими.

„Зелените обврзници“, посочи министерот, ќе бидат наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и се специјално наменети за финансирање еколошки проекти.

– За разлика од постојните обврзници, зелените обврзници ќе се користат само за еколошки прифатливи инвестициски проекти или за зелен развој и ќе бидат за капитални расходи. Воведувањето на овој инструмент, на среден рок ќе помогне во развојот на финансискиот пазар,прецизира Бесими.

„Проектните обврзници“, како што истакна тој, ќе претставуваат алтернативен начин за финансирање на проекти поврзани со инфраструктура. Целта на „обврзниците индексирани со инфлација“, додаде, е да се мобилизира капитал, кој е во форма на готовинска заштеда кај граѓаните.

– Со нив, ќе се постигнат тројни ефекти, односно намалување на готовината како една од мерките за намалувањето на неформалната економија, притоа граѓаните ќе добијат приноси на нивните заштеди, додека тие средства ќе се стават во функција на развојот, рече Бесими.

Тој најави дека Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг со цел да се управува прудентно со јавните финансии.