Во Кинотека на Северна Македонија денеска од 17 часот премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Посеана надеж“ за 15 претпријатија кои со својата солидарност им помагаат на маргинализирани групи и ги вклучуваат во општеството. Режисер на филмот е Костадин Анастасов, а директор на фотографија е Фејми Даут.

На премиерата ќе се обратат министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, и тим лидерката на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, Барбара Садовска.

-Документарниот филм е снимен на повеќе локации и во него учествуваат 15 социјални претпријатија, кои преку своите емотивни приказни не уверуваат дека и во нашата земја постојат претпријатија кои се темелат на солидарност и желба да се помогне на маргинализираните групи, вклучувајќи ги во општеството. Социјалното претприемништво кај нас е во зародиш, но овие претпријатија се семки на надеж кои допрва ќе се развијат, овозможувајќи им на ранливите лица нови можности, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ е финансиран од ЕУ, имплементиран од „Ептиса“, во конзорциум со „Барка“ и „Екорис“, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика.