Македонија се уште во неизвесност дали Русија ќе го сопре гасот и за нас. Засега предвидените количини течат нив цевководите, но до кога? Стопирањето на испораката би било силен удар за бизнисот, особено за домашната металска индустрија и странските компании од индустриските зони. На препораката на министерот за економија и Регулаторната комисија дека евентуално можат да ги искористат залихите во мазут, нафта и други алтернативи, тврдат дека поради технологијата, не можат да ги употребат.
Ако секне гасот, ќе престане и производството. Народната банка во меѓувреме ја врати рубљата на курсната листа, но количините кои сега се употребуваат се веќе платени. Ако фирмите во иднина се решат да плаќаат во рубљи, можат да го сторат тоа. За аналитичарите реакцијата на Македонија би била повеќе политичка, отколку економска. Владата треба да реши, дали ќе ги следи насоките на Европската Унија или не.
„Зошто нас ќе не бутка ние да забраниме? Сиромашните? Да купуваме од кај нив? И тоа може да биде. И ние ќе ги послушаме. Ама тоа е да си пукаш во нога. Зошто? Нема зошто. Да ја казнам Русија? Не ја казнувам“ – вели Константин Димитров – МАЦЕФ.
И додека 350 компании се во грч дали ќе им продолжи производството, утре премиерот Ковачевски заедно со економскиот тим и бројни државници од регионот ќе го посети терминалот во Александрополис на покана на својот грчки колега Кирјакос Мицотакис. Терминалот за околу 20 месеци треба да придонесе за диверзификација на изворите за снабдување со природен гас за регионот. За аналитичарите македонката инвестиција во Александрополис е нејасна, придобивките би биле мали, а цената на гасот кој ќе се транспортира до Македонија превисока. Сметаат дека овие задолжувања не требале да се случат и ќе паднат на грбот на македонското население и стопанство.
„Ова енормно задолжување нема да можеме да го исплатиме во наредните 15 до 20 години со нашето производство. Наместо тие пари да ги вложиме во стопанството, наместо кај нас да изградиме постројки, наместо да го отвориме тој јаглен што не го отвараме, туку плаќаме компании да возат камиони. Па да имаме сопствена електрична енергија, инаку милион до милион и пол евра на ден плаќаме за увоз на електрична енергија. Зборуваме за таму, за една пловечка платформа што е привилегија за богати општества“ – вели Константин Димитров – МАЦЕФ
Откако Русија ги затвори вентилите за Бугарија, бидејќи земјата одби да плаќа во рубљи, тамошните власти бараат алтернативни решенија. Грција и се понуди на Бугарија д аи помогне со количини гас преку интерконекторот меѓу двете земји. Портпаролот на бугарската влада Лена Бориславова денеска изјави дека на големо договараат набавка на гас од Азербејџан кој бил за 4 пати поевтин од рускиот гас кој го плаќале досега.