Во земјава лани имало 70.843 активни деловни субјекти, кои оствариле промет од над 2,2 трилиони денари и бруто-додадена вредност од 522 милијарди денари. Најголемо учество во вкупната додадена вредност има преработувачката индустрија со 26,2 процента, покажуваат претходните податоци на Државниот завод за статистика.
Вкупно 70.843 пазарноориентирани деловни субјекти работеле во земјава во 2025 година, со 428.235 вработени лица. Тие оствариле промет од 2.226.478 милиони денари и генерирале бруто-додадена вредност од 522.087 милиони денари, покажуваат податоците од Структурните деловни статистики на Државниот завод за статистика.
Најголем дел од вкупниот промет, односно 38,7 проценти, реализирале деловните субјекти од секторот Трговија на големо и на мало. На второ место е преработувачката индустрија со учество од 24,5 проценти.
Според учеството во вкупната бруто-додадена вредност, на прво место е преработувачката индустрија со 26,2 процента. Следуваат трговијата на големо и на мало со 20 проценти, градежништвото со 10 проценти и секторот телекомуникации, компјутерско програмирање, консултантски и други информатички дејности со 9,2 процента.
Податоците се однесуваат на пазарноориентираните деловни субјекти од опфатените сектори според Националната класификација на дејностите, ревизија 2.1, и се претходни за 2025 година.