Според регистарот на Агенцијата за катастар на недвижности, во 2022 година се запишани хипотеки врз 7.658 недвижнини чија вкупна вредност е 1,55 милијарди евра

Долги се листите во банките за продажба на имот. Како расте кредитирањето, така расте и обезбедувањето на кредити со хипотеки. Праксата е вообичаена – некој нема да успее да го врати кредитот, а обезбедувањето оди на продажба или народски кажано „на барабан“.

„Слобден печат“ ги разлиста понудите на банките, а во нив наидовме и на многу станови, ниви, но и на речиси заборавени комании чиј имот сега се продава.

Некогаш „Преспатекс“ беше синоним за текстилна индустрија во Ресен. Имаше простор од дури 5.000 квадратни метри! Потоа, капацитетите отидоа во рацете на „ХаТекс“ која пак обавуваше лон производство за холандска фирма, но сега, дел од имотот е во каталогот за продажба на Стопанска банка како деловен објект со магацински и административен простор, со површина од 1.659 квадратни метри на ул. „Димитар Влахов“ во Ресен, со образложение дека тоа е дел од поранешната фабрика „Преспатекс“.

Меѓу имотот на продажба е и хотел за одмор и рекреација „Шагал’’ со СПА центар и базени, со вкупна површина од 4.163 квадратни метри и земјиште од 10.047 квадратни метри. Сопственикот на овој хотел Петре Ангелов долги години алармираше во јавноста дека огрома инвестиција му пропаѓа затоа што хотелот останал без спроведената геотермална вода од извори кај Истибања, откако ЗИК „Брегалница“ од Виница ја доби концесијата за користење на геотермалната вода за загревање на оранжериите.

И покрај постојаните поплаки на земјоделците дека недостигаат ладилници за овошје и зеленчук, огромен ладилник во Гевгелија е огласен за продажба. Станува збор за две згради. Едната е со површина од 1.157 квадратни метри која се состои одво која има 4 разладни комори, на продажба е и зграда со површина од 6.776 квадратни метри во која има 18 разладни комори и административен дел.

Комерцијална банка, на пример, продава погон за производство на челично решеткасти столбови и цинкара во Кичево, потоа млекара во Кочани. НЛБ банкапак продава фабрика за масло во Битола, бетонска база во Крива Паланка.

Во сите банки има и административни згради на продажба, како и многу станови и куќи.

Според регистарот на Агенцијата за катастар на недвижности, во 2022 година се запишани хипотеки врз 7.658 недвижнини чија вкупна вредност е 1,55 милијарди евра. Во 2021 година под хипотека биле ставени 8.386 недвижнини со вкупна вредност од 1,99 милијарди евра.

Во однос на минатата година, последни податоци има за третиот квартал. Во периодот јули – септември 2023 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 1.776 и со вкупна вредност од 376,6 милиони евра. Ако се надоврзат и податоците за претходните два квартала, бројките покажуваат дека од први јануари 2023 година до крајот на септември биле запишани 5.340 хипотеки во вкупна вредност од една милијарда евра.

Во понудите на банките често може да се прочита дека се бара хипотека, а веќе подолг период особено се актуелни станбен кредити со обезбедување хипотека на идна градба.
Според податоците на Народна банка на крајот од 2023 година цените на недвижностите биле за 44 проценти побисоки од оние во 2010 година.