Претседателката на „Тесла“, Робин Денхолм, денеска ги демантираше медиумските извештаи дека членовите на Бордото на директори на компанијата се обратиле до фирми за барање раководни кадри за да најдат замена за извршниот директор Илон Маск, јави ДПА.

Денхолм изјави на „Х“ дека извештајот на „Волстрит џурнал“ е „апсолутно лажен“ и дека Бородот на директори на производителот на електрични возила е „цврсто уверен“ во способноста на Маск да „продолжи да го спроведува“ планот за раст на компанијата, јавија британските медиуми.

„Волстрит џурнал“ вчера објави дека членови на Бордот директори на „Тесла“ пред околу еден месец контактирале со неколку фирми за барање раководни кадри за да најдат нов извршен директор за компанијата, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.

Маск, исто така, изјави на „Х“ дека извештајот на весникот е „намерно лажен“.

Минатата недела тој изјави дека значително ќе го намали времето што го посветува на работа во рамките на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, каде што раководи со Одделот за владина ефикасност, и дека ќе поминува повеќе време водејќи ја „Тесла“.

Залагањето на Маск за крајно десничарска политика во Европа доведе до протести против него и компанијата во салоните на „Тесла“ во САД и Европа и втоглав пад на продажбата на неговите возила и вредноста на акциите на компанијата.