Претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, најави дека ќе понуди криптовалути во вредност од 30 долари на секој граѓанин кој ќе се пријави за да користи дигитален паричник.

Владата ќе креира сопствен биткоин паричник, наречен Чиво, што на сленг значи „кул“.

Парите ќе бидат депонирани на сметката на секој граѓанин кој ќе го „симне“ Чиво и ќе се регистрира како корисник со неговиот телефонски број и матичниот број.

Законот кој ќе го направи биткоинот легално средство за плаќање стапува на сила на 7 септември. Букеле верува дека овој потег ќе го претвори Ел Салвадор во привлечна дестинација за инвеститорите, ќе ја зголеми потрошувачката и ќе ги намали трошоците за милиони државјани на Ел Салвадор кои работат во странство и испраќаат пари дома.

Паричникот Чиво ќе биде достапен за преземање во септември и ќе биде компатибилен со другите биткоин паричници.