Приватниот сектор во еврозоната се прошири со најбрзо темпо во последниве 16 месеци, откако подобрите резултати во германските услуги ја надоместија слабоста во Франција.
Комбинираниот индекс на менаџери за набавки PMI, кој го составува финансиската куќа „Ес енд Пи глобал“ (S&P Global), се искачи на 51,2 во септември од 51, колку што беше во август, а тоа е над прагот од 50 поени, што означува разлика меѓу раст и пад. Аналитичарите предвидуваа дека бројката ќе остане стабилна.
Извештајот откри различни состојби во блокот. Франција беше погодена од уште една владина криза и од неуспехот да се постигне договор за намалување на буџетот. Германија, пак, забележа најбрз раст на услугите годинава.
PMI во еврозоната е поттикнат од Германија
Bloomberg
Производството остана слаба точка за блокот од 20 земји, при што индикаторот повторно падна под границата од 50 поени, откако неодамна излезе од повеќегодишна стагнација.
„Еврозоната сè уште е на патот на раст“, изјави економистот на Хамбуршката комерцијална банка (Hamburg Commercial Bank), Сајрус де ла Рубија. Но, „сè уште сме далеку од вистински замав“.
Регионoт беше оптоварен со неизвесност околу трговските тарифи на американскиот претседател Доналд Трамп во првата половина од 2025 година. Додека активноста имаше корист од предвремено зголемената побарувачка на почетокот на годината, пресвртот на тој тренд доведе до пад на германската економија во вториот квартал.
Што вели „Блумберг економикс“
„Растот на комбинираниот PMI ја прикрива слабоста во деталите. Истражувањето укажува дека производствениот сектор, барометар за пошироката економија, се влошува, а инфлаторните притисоци се намалуваат. Тоа се совпаѓа со слични показатели во националните сметки и месечните трговски извештаи. Ние сметаме дека ЕЦБ на крајот ќе мора повторно да ги намали каматните стапки за да го ублажи ударот.“
– Дејвид Пауел, виш економист за еврозоната.
Европската централна банка (ЕЦБ) оцени дека, во основа, растот треба да остане стабилен до крајот на годината, откако трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД ја намали неизвесноста што ги оптоваруваше извозниците.
„Економијата на еврозоната, во споредба со последниве години, постепено добива замав“, изјави денеска во Талин членот на Управниот совет, Мадис Мулер, повторувајќи го својот став дека каматните стапки засега може да останат на сегашното ниво.
Стабилниот пазар на трудот, растот на платите и зголемената фискална потрошувачка за одбрана и инфраструктура се очекува да го поддржат производството. ЕЦБ предвидува раст од 1 отсто наредната година по годинешниот од 1,2 отсто, исти прогнози што денеска ги објави и ОЕЦД (OECD).
Инфлацијата во меѓувреме се задржа на целта од 2 отсто три месеци по ред, зајакнувајќи го уверувањето на централната банка дека цените се ставени под контрола. Некои официјални лица, сепак, предупредуваат дека изгледите и понатаму се несигурни поради низа ризици што би можеле да го повлечат растот на цените во која било насока.
„Инфлацијата на трошоците во секторот услуги, која ЕЦБ внимателно ја следи, благо се намали, но останува невообичаено висока со оглед на кревката економска заднина“, изјави Де ла Рубија. „Продажните цени се намалија поизразено, што би можело да ја поттикне ЕЦБ да размисли дали намалување на каматните стапки пред крајот на годината повторно би било на маса.“
Индексите PMI внимателно ги следат финансиските пазари бидејќи се објавуваат на почетокот на месецот и добро ги откриваат трендовите и пресвртните точки во економијата. Бидејќи PMI повеќе ја мери распространетоста на промените во деловната активност отколку нивната големина, овие анкети понекогаш тешко може директно да се споредат со кварталниот БДП.
Показателите од Индија и Австралија останаа далеку над 50 отсто, и покрај благото намалување. Сличен тренд се очекува и во САД, кога подоцна ќе бидат објавени податоците од PMI. Индексот на Велика Британија се намали повеќе од очекуваното, односно на 51.