Привршува јавениот повик за концесионери за рекреативен риболов за 5 риболовни зони. Концесијата трае 6 години, а идниот корисник ќе биде избран со електронско наддавање. Крајниот рок е до 20-сети февруари до кога можат да аплицираат и риболовните здруженија.

Концесиите за организирање на рекреативен риболов за 5 зони што го опфаќаат Охридско Езеро, делови од Црна Река и 3 акумулации, Глажња, Градче и Шпилје се доделуваат за период од шест години.

Право на учество на Јавниот повик имаат домашни и странски правни лица регистрирани за дејност рибарство и риболовни здруженија кои имаат право да конкурираат за повеќе места.

Покрај другите документи потребно е да се достави и доказ дека барателот ја има потребната опрема за вршење на рибочуварската служба и дека ќе вработи соодветен број лица за заштита на рибите или најмалку 50 членови доколку се работи за риболовно здружение.

Потребна е и банкарска гаранција за учество во постапката. Критериум според кој ќе се врши изборот е највисокиот понуден надоместок на електронското наддавање.

Надоместокот за концесија за рекреативен риболов е најмалку 10 проценти од вредноста на издадените дозволи на годишно ниво. Краен рок за поднесување на понудите е до 20 февруари 2023 година.