Огромен метеж пред експозитурите на 4-те банки преку кои почна обесштетувањето на штедачите од пропаднатата Еуростандард банка. Редици од незадоволни граѓани уште од утринава чекаа пред шалтерите на НЛБ, Комерцијална, Стопанска банка-Скопје и Халкбанк. Гневни што повеќе од еден месец не можат да располагаат со парите, не знаеја зошто е застојот.

„Од 7 часот наутро сме овде. Јавија дека ќе почнат од 8. Шалтерите се отворија од 8. Ние штедачите останавме, еве гледате колкави редици. Не се знае ништо. Дремеме, седиме овде. Не знаеме што ќе биде. Човеков од обезбедувањето ни вели, за вас има некој проблем, но што е проблемот кај нас. Па јавија дека од 15-ти ќе почнат со исплата. Ете го 15-ти, немаат абер за исплата. Сега што ќе правиме, како ќе правиме, не знаеме. Не знаеме ништо“ – вели поранешен штедач во Еуростандард.

„Некни чекав 2 часа. Само што влегов, нема пензија, а пензијата ми беше преку поштата. Се вратив назад. Сега пак саат и пол чекам, за картичката да ја земам за пензија, дали има, дали нема, не знам“ – вели пензионерка од Битола.

Од банките велат дека се работи за голема операција да се обесштетат над 130 илјади луѓе, па бараат разбирање од клиентите за можните проблеми. Кај дел од нив чекањето било околу 20 минути за отворање трансакциска сметка.

Фондот за осигурување на депозити веќе им префрли на овие банки 68,3 милиони евра за исплата на депозитите кои заглавија во Еуростандард банка. Штедачите се распоредени во 4 групи врз основа на почетните букви на презимињата.

Депонентите можат да го остварат правото врз заглавените финансии со доаѓање во банката, откако ќе ги подигнат и потпишат Потврдите на шалтер во банката каде што се распределени.

Банките ќе вршат исплата на парите само на сопственикот на сметката, или пак на законски застапник, односно старател наведен во Потврдата, по приложување на важечки документи за идентификација.

„Во случај на спреченост депонентот лично да го оствари своето право на обесштетување, банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата и на лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар. Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување на депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето“ – објаснуваат од Фондот за осигурување на депозити.

Секој депонент има рок од 3 години почнувајќи од денеска да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи. Доколку во овој период не можат да ги подигнат парите, потоа ќе можат исплатата да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити.

Нема да се исплаќаат депозитите на членовите на телата на банките, на големите акционери во Еуростандард, штедачите кои имале повластени камати, како и средствата за кои постои сомнеж дека се поврзани за кривично дело перење на пари.

Остануваат 780 луѓе со штедни влогови над 30.000 евра поединечно кои нема во целост да бидат обесштетени. Тие формираа здружение и бараат парите да им ги надомести владата, која потоа треба да си наплати од стечајната маса. Ветување добија и од премиерот, но досега ниту една политичка партија не побара законски измени во Собранието.