Компанијата Triwo AG, која управува со неколку помали аеродроми во Германија, го купува аеродромот Франкфурт-Хан, кој се наоѓа во областа Хунсрик.

Овој аеродром, кој со години е под стечајна заштита, по преземањето ќе ги задржи сите вработени и ќе продолжи да се развива, пишува Aviopress.

Стечајниот администратор кој долги години управуваше со аеродромот, во вторникот објави дека Triwo AG, највисокиот понудувач на последната аукција, ќе го купи аеродромот што го користат нискобуџетните и карго авиокомпании.

Според информациите, инвеститорот ќе ја одржува работата на аеродромот и ќе продолжи да ги вработува сите 400 работници.

Минатото лето аеродромот веќе еднаш беше продаден на инвестициската групација Swift Conjoy GmbH од Франкфурт, но на крајот не ја плати набавната цена, па компанијата повторно бараше нови инвеститори.