„Алкалоид“ се подобро се позиционира и продира на странски пазари, а неговиот извоз лани достигна 90,5 милиони евра со тренд на раст од 13 отсто. Ова „Алкалоид“ упорно и континуирано го зголемува и тоа во микс со континуираниот раст на добивката и дивидендата што ја дели ги привлекува домашните инвеститори кои акцијата на „Алкалоид“ ја гледаат како премиум – подобра и од државните обврзници.

„Алкалоид“, најголемиот македонски фармацевтски бренд, лани оствари рекорден приход од продажба што надмина 9 милијарди денари односно 147,2 милиони евра. Оваа домашна компанија лани го зголеми својот приход од продажба за 802 милиони денари што е раст од 10 отсто во однос на 2016 година. Нето добивката на најпознатата македонска фармацевтска компанија е 809,3 милиони денари и таа лани во споредба со 2016 година пораснала за 11 отсто. Оваа година „Алкалоид“ ќе подели нето дивиденда по акција во нето износ од 243 денари што е раст од 8 отсто во споредба со дивидендата за 2016 година. Она што акцијата на „Алкалоид“ ја прави единствена на македонскиот пазар на капитал е тоа што таа е посигурна и од државна обврзница. Приходот од продажба на „Алкалоид“ расте во континуитет со години наназад, а паралелно со тоа расте и неговата добивка и дивидендата што ја дели. Учесниците на македонскиот пазар на капитал на акцијата на „Алкалоид“ гледаат како на најсигурна инвестиција „кец во кец“ кој секогаш носи сигурен профит со нула ризик, а нивото на профит е повисоко од банкарската камата на орочен депозит, но пониско во споредба со дивидендите од други акции. Ова е тајната за успехот на оваа акција на домашниот пазар на капитал: сигурна дивиденда со тенденција на зголемување во секоја наредна година. Токму во овие белези треба да се бараат причините за рејтингот на таа акција кај домашните институционални инвеститори и кај физичките лица и нејзините ценовни нивоа.

Како „Алкалоид“ работеше лани?

Приходот од продажба на странски пазари е 5,6 милијарди денари и во споредба со 2016 година е поголем за повеќе од 10 милиони евра или поточно 636 милиони денари. Многу е значајно тоа што приходот од продажба во странство е поголемата ставка во споредба со домашниот приход од продажба во структурата на сите приходи од продажба затоа што го дисперзира ризикот од намалување на приходите. Лани продажбата дома е 3,487 милиони денари и во споредба со 2016 година е поголема за 5 отсто.
Во услови на раст на сите приходи од продажба за 802 милиони денари, трошоците на продадени производи и услуги се зголемени за помалку од 500 милиони денари и изнесуваат 5,036 милијарди денари. Втора по големина расходна ставка е збирот од трошоци за продажба и маркетинг (дистрибуција) кои лани достигнаа 2,73 милијарди денари и во споредба со 2016 година се повисоки за 300 милиони денари. Очигледно дека се потребни и вложувања за одржување и за подобрување на пазарната позиција на „Алкалоид“. Значаен раст кај трошоците на „Алкалоид“ е видлив и кај расходите за вработени кои се повисоки за 221 милиони денари во однос на 2016 година во најголема мерка заради тоа што бројот на вработени лани е зголемен за повеќе од 140 лица вработени во 2017 година.

Што е важно?

„Алкалоид“ е гигант за македонски прилики во секоја смисла, а многу важно е тоа што неговите финансиски расходи се само 17,8 милиони денари. Иако лани пораснале за 36 отсто во споредба со преклани тие се мала сума што не го оптоварува работењето на компанијата. Од билансот на состојба се гледа дека вкупното обврски кон банки на „Алкалоид“ (краток и долг рок) е околу 10,5 милиони евра и бележи благ раст во однос на 2016 година. Тенденцијата е намалување на краткорочен долг за околу 60 милиони денари, а зголемување на долгорочното задолжување за околу 200 милиони денари. Сума сумарум долгот по кредити на крај на 2016 година бил 507,6 милиони денари, а лани за 144,5 милиони денари повеќе. Од паричниот тек е видливо дека „Алкалоид“ лани имал приливи од кредити и заеми во износ од 2,374 милијарди денари, а истовремено вратил 2,229 милијарди денари, а остатокот е всушност новото задолжување.

Вкупните обврски на „Алкалоид“ изнесуваат 2,44 милијарди денари на крај на минатата година и во споредба со 2016 година пораснале за 294 милиони денари. Во најголем обем се кон неговите добавувачи и тие изнесуваат 1,65 милијарди денари и се повисоки за 160 милиони денари. Од друга страна пак побарувањата на „Алкалоид“ од купувачите на крај на 2017 година достигнале 2,411 милијарди денари и се поголеми за 186,7 милиони денари, што во крајна мерка значи дека „Алкалоид“ дури и повеќе плаќал одошто наплатувал лани.