Во последните месеци по локалните избори се отворени огласи за вработување близу 400 административци во институциите, фондовите, управите и во општините. Платите на новите вработени во овие институции се движат од 22.000 до 80.000 денари.

Од директори на сектори, па сѐ до помлади соработници, со прецизно утврдена национална припадност и плата за секое работно место. Повеќе министерства, фондови и управи вработуваат голем број административци. Во последниот месец се објавени огласи за близу 400 административци. Дел од огласите завршуваат на 31 декември, а дел од нив во текот на месецов, но главно сите се отворени по локалните избори.

Институциите се правдаат дека работните места се според плановите за нови вработувања и според пројавените потреби, но експертите и  бизнисот реагираат дека администрацијата се полни без план, само за задоволување на апетитите на партиското членство. Се плашат дека во блиска иднина нема да имаме буџет кој ќе може да ги покрие платите на администрацијата, бидејќи таа стана преобемна и неквалитетна токму поради партиските вработувања. Тие бараат оваа практика да запре и да се воспостави вистински систем на вработување квалитетен и потребен кадар.

Анализата на огласите објавени на страната на Агенцијата за администрација, покажува дека најмногу административци вработуваат Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, вкупно 166 и Фондот за здравство – 134. Но, не заостануваат ниту другите министерства, фондови и управи. Па така, Пензискиот фонд вработува 15 луѓе, Министерството за труд и социјала 10, Министерство за животна средина 10, а за финансии 17. Вработуваат и државните управи и агенции, како и општините. Царинската управа, на пример, во текот на овој месец преку повеќе огласи како од Управата, така и од Министерството за финансии и од царината ќе вработи 60 лица.

Платите на новите вработени во овие институции се движат од 22.000 до 80.000 денари.

Експерти и бизнисмени сметаат дека ваквиот начин на вработување во администрацијата, која ионака е превработена, е скандалозно. Велат дека ова е неприфатливо за една сиромашна држава која буџетот главно го троши на непродуктивна и преобемна администрација, која се полни со партиски договори.

Професорот Борче Давитковски вели дека ваквото вработување е скандалозно и очекува во блиска иднина Министерството за финансии да се соочи со фактот дека нема да има буџет за плати за администрацијата.

– Ова веќе е скандалозно, бидејќи ги премина сите граници на нормалното и утврденото со закон. Покрај тоа што веќе имаме незаконско преговарање некој да се задржи на власт и да постави несоодветни кадри на значјни места, се полни државната администрацијата само да се задоволат партиските апетити, без да се почитуваат стандардите за квалите и вистинските потреби. Не знам колку ќе биде во можност буџетот да ги сервисира платите на овие луѓе. Па и Јапонија да беше државава нема да може да создаде буџет за да покрие плати на олку голем административен сервис. Сѐ си мислам дека многу брзо Министерството за финансии ќе биде доведено во состојба да каже нема пари за плати како што кажа нема пари за К-15. Мора да запре партискиот пазар и вработувањето во државната администрација – вели Давитковски.

И бизнис секторот се чуди на новите бројки на раст на државната администрација и е разочаран од тоа што политичките партии не најдоа начин да се справат со проблемот на партизирање на администрацијата и да формира навистина стручна администрација кој ќе функционира беспрекорно без да прави сопки за бизнисот.

– Историјата се повторува. Ако ВМРО-ДПМНЕ ја полнеше администрацијата преку ЈП Македонски шуми, сега оваа власт тоа го прави преку друг систем, но резултатот е ист: преобемна и крајно нестручна администрација, која наместо да му олеснува на бизнисот му создава дополнителни непотребни сопки. Факт е дека многу мал е бројот на административци кои се стручни и ја знаат работата на чиј грб се товарат по десетици неработници и партиски послушници. Тоа го има во сите институции и е загрижувачко – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.

Бизнисот, вели тој, веќе не може да поднесе ваква голема администрација.

– Сите се прашуваат зошто се ниски платите во приватниот сектор. Па ние, наместо да ги трошиме парите за зголемување на платите и за продуктивноста на нашите работници, најголемиот дел од приходите ги даваме на државата за да ја плаќа партиската администрација која не функционира – вели Ангелов.

Тој смета дека е крајно време партиите со консензус да се договорат дека нема да вработуваат партиски кадри во администрацијата и тоа да го почитуваат. При вработувањето да се почитува познавањето на работата односно квалитетот на кадарот.

Забелешки на гломазната администрација покрај домашните експерти и бизнисот даваат и меѓународните организации. ЕУ во своите извештаи постојано инсистира на реформа на јавната администрација и сведување на партиските вработувања во државната администрација на минимум.

Според последниот извештај на Министерството за информатичко општество и администрација за 2020 година, во јавниот сектор на државава активни се 1.332 институции, во кои работен однос имаат засновано 131.183 лица. Преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор, работно ангажирани се вкупно 2.425 лица и истите немаат статус на вработени во јавниот сектор.

Просечната возраст на овие вработени изнесува 46.05 години, а најзастапена е возрасната група 56-64 години во која има 25.594 вработени. Во администрацијата работат и 1.102 лица над 64 години.

Заклучно со 2020 година, класификација на административците е следна: .2660 се доктори на науки, 4.283 се магистри, 52.891 се со високо образование, 3.511 се со вишо образование, 533 се со постсредно, 38.493 се со средно образование и 9.218 се со основно образование. Колку од оваа образовна структура на административците е распоредена на вистинските места не се знае.