По неколку години раст во 2020 година, Европската централна банка (ЕЦБ) забележа пад на годишниот профит. Како што објави во годишниот извештај, профитот падна на 1,6 милијарди евра од 2,4 милијарди евра, што беше износот во 2019 година.

Намалувањето е резултат на пониските нето приходи од камати на девизните резерви и хартии од вредност што се чуваат за целите на монетарната политика, се вели во извештајот.

Нето-приходот од камата на ЕЦБ лани изнесуваше 2 милијарди евра, што е за 669 милиони евра помалку од претходната година, додека нето-приходот од камата на девизните резерви падна на 474 милиони евра, од 1,052 милијарди евра во 2019 година.

Покрај пониските приноси на девизното портфолио, паднаа и нето приходите од камати на хартии од вредност што се чуваат за монетарна политика. Овие приходи лани изнесуваат 1,3 милијарди евра, што е за 110 милиони евра помалку отколку во 2019 година.

Вкупниот биланс на состојба на ЕЦБ се зголеми во 2020 година за 112,2 милијарди евра на 569,3 милијарди евра. Ова зголемување е резултат на купување на хартии од вредност во рамките на новата програма за пандемски итни набавки (ПЕПП) и редовната програма за откуп на обврзници.