Здружението за социјални иновации – АРНО вчера ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“ 2022 кој се одржа во Центарот за социјални претпријатија во Скопје. Како што соопштуваат од АРНО, на натпреварот пристигнаа 20 апликации, од кои 10 се натпреваруваа во македонското финале.

Жирито составено од Дурим Зеќири од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Игор Изотов – Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Данчо Димков од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг-МКА2000, Воислав Илиевски од „Македонија 2025“, на натпреварот во категоријата ембрионски идеи ги избрала идеите „Пели“ на Јана Ангеловска и „Од загадувач до разубавувач“ на Гоце Стевановски, додека во категоријата зелени концепти победничка е идејата „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од Ве дог фуд-Прилеп. Посочуваат дека интересно за годинешниот натпревар е што сите идеи во бизнис моделот го имаат принципот на циркуларност, односно го користат отпадот (пелени, картон, зеленчук/отпад од фарми) во процесот на ново производство.

За националните победници партнерите повторно обезбедија поддршка: вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги и/или учество во програма CESO SACO на „Македонија 2025“ и бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија. Поучени од потребата за дигитализација и поради предизвици со набавките, АРНО годинава на победниците им додели три преносни компјутери.

– Стравот и очекувањата од пандемијата дека нема да имаме многу апликации, за жал, се остварија годинава. Претпоставуваме дека сите светски случувања, нестабилниот пазар, неизвесноста, си го направија своето. Ама она што не’ радува е фактот што годинава забележуваме дека циркуларната економија е се поблиску до македонските претприемачи и што во финале имавме многу солидни идеи (квалитет наспроти квантитет). Од отпад до производ е фасцинантен концепт кој мора да наиде на слух и поддршка во општеството, ако сакаме да сме во тек со економските трансформации и ако сакаме да си го олесниме патот понатаму. Еколошки колапс= социјален колапс, тоа ни е познато во равенката, е сега, останува задачата да решаваме заедно како да креираме и поддржуваме економија добра за човекот и природата, изјави Ирина Јаневска од АРНО.