Со просечна плата од 95.257 денари (1.550 евра) исплатена во јуни, годинава, и натаму на врвот на листата на најдобро платени професии се програмерите, или вработените во Секторот  компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности. На втор место се месечните примања на вработените во Секторот информации и комуникации со 71.652 денари (1.165 евра). По нив следат вработените во финансиските дејности и осигурување со просечна плата од 54.466 денари (885 евра).

На ова упатуваат последните податоци објавени од Државниот завод за статистика кои покажуваат дека просечната плата во нето износ во јуни изнесувала 36.527 денари (593 евра), додека бруто сумата е 54.720 денари (888 евра).

– Индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни, а во однос на јуни 2022, изнесува 114.6. Тоа произлегува од зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите градежништво за 19,6%, информации и комуникации – 17,9% и образование за 17,5%. Исто така, споредено со мај, месечниот просек пораснал во секторите трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (6,3%), рударство и вадење на камен (5,7%) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3,2%) – објаснуваат од ДЗС.

Ако се следи листата, со просечна плата од 47.172 денари (767 евра) биле вработените во Секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, потоа стручни, научни и технички дејности – 42.441; дејности на здравствена и социјална заштита – 38.674; јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување – 37.836; градежништво – 36.568; трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли – 36.119; транспорт и складирање – 35.296; дејности во врска со недвижен имот – 34.747; уметност, забава и рекреација – 34.100; образование – 33.439; преработувачка индустрија – 32.116; снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината – 28.943; земјоделство, шумарство и рибарство – 28.721; објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 28.349; административни и помошни услужни дејности – 27.525 денари. Најниска плата е исплатена во Секторот производство на кожа и слични производи од кожа со 23.787 денари (386 евра). Всушност, од кожарскиот и нема помал просек забележан од статистиката.

Каде сме ние во статистиката на просечни плати од земјите на поранешна СФРЈ? Просечната плата во Босна и Херцеговина изнесувала 644 евра. Во Црна Гора во истиот месец биле исплатени просечно по 781 евра. Просечната плата во Србија во мај 2023 година изнесувала 729 евра, а просечната плата во Хрватска во 2023 година за истиот месец била 1.130 евра. Највисока просечна плата е во Словенија со 1.423 евра, а најниска во Македонија од близу 600 евра.

Во ЕУ за сиромашна личност се смета секој оној што заработува помалку од 60 отсто од просечната плата. Се зема и предвид реалната ситуација во секоја земја, како што се месечните трошоци за храна, комуналии, кирија.

Така, пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека во јули годинава на едно четиричлено семејство му биле неопходни 48.620 денари за задоволување на минималната синдикална кошница. Од нив, 20.004 денари или 44,6 отсто биле неопходни за исхрана и пијалаци, 13.664 денари односно 30,46 отсто за домување, 3,247 денари или 7,24 отсто за хигиена, 3,720 денари или 8,29 отсто за превоз, 2.327 денари за облека и обувки, 1.068 денари за култура и 822 денари за одржување на здравјето. Вкупно за сите потреби биле потребни 44.853 денари, а кога на тоа ќе се додадат и трошоците на животот, 3.768 денари или поточно инфлацијата од 8,4 отсто, се доаѓа до сумата од 48.620 денари.