Од позначајните индустриски гранки пад има кај прехранбениот сектор (-7,5%), пијалаци (-12,9%), тутунски производи (-12,8%), текстил (-11,1%), метали (-5,5%), машини и уреди (-4,4%). Најголем раст на производство има кај фармацевтската индустрија (+15,9%).

Производството на прехранбени производи во првите шест месеци во Македонија е помало за 7,5% во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.  Храната има најголемо поединечно учество во преработувачката индустрија, од 10,7%.

Пад во првото полугодие бележи и производството на пијалаци, од дури 12,9%, коешто пак има 3,84% учество во вкупната преработувачка индустрија. Речиси ист пад, од 12,8% има производството на тутунски производи (2,15% во вкупната преработувачка индустрија), додека производството на текстил бележи пад од 11,1%, при учество од 5,62%. 

Лоши први шест месеци имала и индустријата за производство на метали, со пад од 5,5%, а оваа гранка учествува со 5,16% во целата преработувачка индустрија. Од позначајните преработувачки сектори, пад има и производството на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, од 11,6%, потоа производството на машини и уреди, од 4,4%. Сите позначајни гранки што имаат пад на производството во првите шест месеци годинава сочинуваат вкупно околу 38% од преработувачката индустрија.

Од секторите на преработувачка индустрија  што имаат раст на волуменот на производство во првите шест месеци, предничи фармацевтската индустрија, со раст од 15,9%, пред производството на хартија со раст од 14,7%, производите од гума и од пластични маси со раст од 13,3%, итн.

Секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација бележи раст на производството од 18,5% во првите шест месеци, додека рударството бележи раст од 9,4%.

Вкупното индустриско производство во првите шест месеци бележи раст од 2,5% во однос на истиот период лани.