Групацијата ПроКредит, која главно е активна во Југоисточна и Источна Европа, објави висок финансиски резултат од 94,0 милиони евра за првите девет месеци од 2023 година. Приносот на капиталот значително се подобри на ниво од 13,6 %, со што се нагласуваат среднорочните проекции на групацијата. Добриот резултат главно беше поттикнат од континуираната позитивна динамика на нето-каматната маржа, како и од подобрениот коефициент трошоци-приходи од 58,7%. Стабилните показатели за кредитниот ризик доведоа до умерена цена на ризикот од 20 базични поени, каде спаѓаат и дополнителните резервации за загуби резервирани во третиот квартал на работењето на групацијата во Украина. Како резултат на силниот оперативно-финансиски развој во целата групација, Управниот одбор реши на 26 октомври 2023 година повторно да ги подигне проекциите за финансиската 2023 година.

Кредитното портфолио се зголеми за 119 милиони евра или 1,9% во првите девет месеци од годината (9М 2022: 6,2%). Во вториот и третиот квартал, остварен е раст од 165 милиони евра или 2,7%. Од крајот на годината, депозитите се зголемија за 649 милиони евра или 10,3% (9М 2022: 8,0%), што конкретно се припишува на приватните клиенти и покажува цврст напредок на целосно дигиталната понуда за приватните клиенти на групацијата, како и на стратегијата „ПроКредит Директ“. Во однос на истиот период претходната година, коефициентот на депозитите и кредитното портфолио се зголеми за 16,3 процентни поени на добро ниво од 111,4% (9М 2022: 95,1%). Коефициентот ЦЕТ1 изнесуваше 14,9% на крајот на третиот квартал; зголемувањето во текот на годината пред сѐ се должи на припишување на полугодишната добивка (минус 1/3 за дивиденди) како и на поголемата ефикасност на средствата пондерирани за ризикот (RWA).

Развојот на добри резултати е многу разновиден во групацијата

Деветмесечниот резултат на групацијата од 94,0 милиони евра е значително повисок отколку во истиот период лани (9М 2022: 17,3 милиони евра) и одговара на принос на капиталот од 13,6% (9М 2022: 2,7%).

Оперативните приходи на групацијата се зголемија за 22,1%, поттикнати од повисоките нето-приходи од камати и повисоките нето-приходи од надоместоци и провизии. Нето-приходите од камати се зголемија за 52,6 милиони евра или 27,4% на 244,7 милиони евра (9М 2022: 192,1 милиони евра), бидејќи растот на приходите од камати ги надмина зголемените расходи за камати. Досега оваа година, нето-каматната маржа се зголеми за околу 50 базични поени, растејќи на 3,6% главно поради повисоките клучни каматни стапки. Во К-3, нето-каматната маржа изнесува 3,9%.

Со 43,2 милиони евра, нето-приходите од надоместоци и провизии се за 7,4% над приходите во истиот период лани (9М 2022: 40,2 милиони евра). Особено позитивно се развиваа приходите од трансакции и картички. Останатите нето-оперативни приходи придонесоа со 13,2 милиони евра во вкупната заработка (9М 2022: 14,3 милиони евра); Релативниот пад од 1,1 милион евра се должи на неповторливите позитивни ефекти во периодот лани.

Општо, оперативните приходи на групацијата се подобрија за 54,5 милиони евра, а кадровско-административните расходи се зголемија за 27,1 милиони евра. Ова доведе до видливо подобрување на коефициентот трошоци-приходи за 2,0 процентни поени на 58,7% (9М 2022: 60,7%) и солидно зголемување од 27,4 милиони евра или 28,3% на добивката пред оданочување и резервациите за загуби.

Резервациите за загуби од 9,0 милиони евра (9М 2022: 79,1 милион евра) одговараат на цената на ризикот од 20 базични поени. Показателите за кредитниот ризик на групацијата од третата фаза уште повеќе се подобрија од веќе добрите нивоа забележани на крајот на 2022 година. Во третиот квартал, регистрирани се резервации за загуби од 8,5 милиони евра главно за работењето на групацијата во Украина. На ниво на групација, учеството на нефункционалите („лоши“) кредити се намали од 3,3% на крајот од годината, на 3,0%. За групацијата без Украина, овој показател, исто така, благо се намали од 2,4% на 2,3%.

Позитивниот оперативно-финансиски развој на групацијата во 9М од 2023 година беше поддржан од сите десет банки во Југоисточна и Источна Европа. Во Југоисточна Европа, остварен е резултат од 72,4 милиони евра, што одговара на поврат на капиталот од 14,2%. Во Источна Европа, резултатот од 36,3 милиони евра е еквивалентен на поврат на капиталот од 23,0%.

Коментари на Управниот одбор околу зголемените изгледи за 2023 година објавени на 26 октомври 2023 година

На 26 октомври 2023 година, Управниот одбор ги подигна изгледите за финансиската 2023 година, доведувајќи ги проекциите за принос на капиталот на нивото на среднорочни изгледи од околу 12% (со опсег од плус/минус 1 процентен поен). Претходно проектираниот опсег за принос на капиталот беше 8%-10%. Ажурираните проекции сега се врз основа на претпоставената цена на ризикот до 30 базични поени (претходно: до 45 базични поени). Коефициентот трошоци-приходи сега се очекува на 60%-62% (претходно: 62-64%). Растот на кредитното портфолио се предвидува во ниска до средна едноцифрена процентна рамка (претходно: средна едноцифрена процентна рамка). Ажурираните проектирани рамки и натаму се предмет на негативни претпоставки за четвртиот квартал од годината; поточно, во нив и натаму се земаат предвид актуелните воени активности во Украина и поврзаната неизвесност.

Изгледите за коефициентот ЦЕТ1 од над 13% и за коефициентот на задолженост од околу 9% беа потврдени во текот на овие прилагодувања. Заради пресметување на показателите на капиталот, една третина од полугодишната добивка за финансиската година е акумулирана за исплата на дивиденди во 2024 година.

Претседател на Управниот одбор, Хуберт Шпехтенхаузер: „Нашите деветмесечни резултати ги гледаме како цврста потврда за многу добриот напредок остварен во групацијата. Особено сме задоволни од добрите и стабилни резултати на нашите клиенти-мали и средни претпријатија и фактот што сите наши десет банки во Југоисточна и Источна Европа од година во година го зголемуваа својот придонес во добивката на групацијата. И покрај нашиот многу грануларен и разнолик позитивен развој, повторно ги зголемивме проекциите за тековната година и сега очекуваме да постигнеме поврат на капиталот на ниво на нашата среднорочна амбиција од околу 12%. Важно е да се напомене дека сè уште гледаме неизвесност поради проблематичната работна средина на некои пазари, како и поради ризиците од сè уште тековната војна против Украина. Сепак, остануваме сигурни и веруваме дека нашите резултати од 9М ги нагласуваат нашите среднорочни цели и го демонстрираат среднорочниот и долгорочниот потенцијал за заработка на нашиот бизнис-модел. Покрај финансиските резултати, сакаме повторно да ја истакнеме успешната правна конверзија во АГ што ја финализиравме во овој квартал. Убедени сме дека и натаму можеме да ја зајакнеме нашата позиција на пазарите на капитал во 2024 година. Затоа, со задоволство го најавувам нашиот втор Ден на пазарите на капитал што ќе се одржи на 21 март 2024 година, на кој сакаме подетално да ги претставиме нашите стратешки иницијативи и амбиции за финансиската 2024 година и понатаму“.

Кварталниот финансиски извештај на групацијата ПроКредит заклучно со 30 септември 2023 година од денеска е достапен на веб-страницата на ПроКредит Холдинг под Односи со инвеститори на https://www.procredit-holding.com/en/investor-relations/reports-publications/financial-reports. Финансискиот календар за ПроКредит Холдинг е достапен на https://www.procredit-holding.com/investor-relations/financial-calendar.