„Објавените стручни публикации од областа на нумизматиката, монетарната историја и конзервацијата се значаен дел за нашата доследност во постојаното создавање, надградување, откривање и зачувување на традицијата“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на промоцијата на публикацијата „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на НБРСМ“ од д-р Ефтимија Павловска, кустос во Музејот на Народната банка. Притоа, гувернерката дополни дека Народната банка ја поддржува музејската дејност во активностите за натамошно ширење на знаењата за долгата историско-еволутивна патека на парите, како едно од најважните технолошки откритија на човекот, како и за нивните особености својствени за овдешната македонска територија. „Сметаме дека афирмација на трајните цивилизациски придобивки од минатото коишто на различни начини ги обликувале општествените констелации во економска, културна и технолошка смисла, е наш влог во иднината“, подвлече гувернерката.

Книгата „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на Народната банка“, прва систематизирана публикација за древните примероци пари коишто биле дел од монетарниот систем на Аргеадите, ја претстави академик Вера Битракова Грозданова, истакнувајќи „Монетите ‒  изобилство на производи, извори од прв ред за познавањето на минатото, претставуваат предност и надмоќ во релација со сите други објекти во активноста на човекот во антиката“.

Авторката на трудот, Ефтимија Павловска, се осврна на содржината на книгата, истакнувајќи: „Публикувањето на аргеадската збирка монети од Музејот на НБ ќе овозможи овој материјал да биде достапен за истражување, но и за негово проучување од страна на научната јавност, како и за информирање на пошироката публика за постоењето на едни од најстарите изданија коишто се откриени на денешната македонска почва.“

Народната банка, покрај исполнувањето на основните цели од својот мандат, напорно работи и на вградување дополнителни вредности во општеството преку негување на културното наследство. Музејот на Народната банка веќе две децении дејствува едукативно со постојаната музејска поставка, но и преку издавање публикации од кои општата, но и стручната јавност добиваат увид во развојот на монетарните системи и нивните стандарди во општествата, иконографијата и дизајнот на парите низ минатото  на овие простори, коишто оставиле свој белег во историјата на државата. Нумизматичката збирка на Музејот на Народната банка постојано се збогатува. Денес, со своите 22000 примероци, таа претставува најголема јавна нумизматичка збирка во државата.