Ќе продолжиме да ги поддржуваме компаниите и квалитетните идеи со цел да ја зајакнеме иновативноста и да ја поттикнеме конкурентноста на домашниот пазар, порача директорот на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили на презентацијата на производите на добитниците од предизвикот „Стартап херои“ во Супер Тинекс во East Gate Mall, кој го спроведува ФИТР во соработка со корпоративниот партнер Тинекс маркети и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

-Со денешниот настан се продлабочува соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартап компаниите со што длабоко верувам дека ќе се зајакне иновативноста и ќе се поттикне конкурентноста на пазарот на нашата држава, изјави Халили.

Како ФИТР, додаде, заедно со нашите партнери, во овој случај со Швајцарската амбасада, ќе продолжиме да соработуваме во креирање на хибриден фонд за поддршка на стартап компаниите и на младите кои имаат потенцијал и идеи.

-Овие млади луѓе кои се зад мене се избориле да произведуваат иновативни продукти кои ќе бидат дел од полиците на корпоративниот сектор, рече Халили.

Тој им посака голем успех во натамошната кариера на добитниците на грантовите и изрази надеж дека нивните продукти ќе ја покренат конкурентноста на нашиот пазар и ќе бидат конкурентни и со меѓународните брендови.

Денеска беа претставени производите на „Матриошка“ – Вајс сладолед со вино, „Евал“ која ќе продава свежи тартуфи и најразлични производи во комбинација со македонски тартуф од домашно поднебје како и микрохрана произведена со Invitro технологија – микропланта на компанијата „Плант“.

На полиците ќе се најдат и протеински крекери со намалени јаглехидрати на „Про-Фит Вис“, Chia Fresca –безалкохолен енергетски пијалок на база на чиа семе на стартапот „Кинадо“, „Скуп“ со три пакувања на премиум сладолед, „Пивара Бакрески“ со првото македонско безалкохолно крафт пиво, „Фила козметика“ со домашни козметички производи од природни состојки и „Пиволабс“ со пиво кое претставува хибрид од класична IPA со темни стилови на пиво.

Швајцарскиот заменик амбасадор Лусиен Аегертер рече дека иновативноста на продуктите на добитниците на предизвикот „Стартап херои” ќе ги издвои на пазарот и по неа ќе станат препознатливи.

-Преку програмата ИМЕ и ФИТР воспоставивме супер алатка за овие нови стартап херои да се соберат денеска тука и да означиме почеток на нешто ново. Тука гледам многу жени и млади кои ќе воспостават нови стандарди. Среќен сум што новите генерации воспоставуваат нови иновативни производи. Се надеваме дека потрошувачите ќе ја видат вредноста на овие продукти, рече Аегертер.

Нагласи дека се надева оти стартапите кои се денеска претставени ќе бидат добар пример и инспирација за останатите микро, мали и средни компании и стартапи за и тие еден ден да бидат изложени тука. Најави дека и во иднина ќе продолжи континуираната швајцарската поддршка на проектите што овозможуваат економски развој во земјата.

Бренд директорката на Тинекс, Цветанка Христовска посочи дека нивното вклучување во проектот кој придонесува за развој на стартап заедницата е од големо значење за Тинекс.

-Ние континуирано ја даваме нашата поддршка на компаниите кои се во развој и на кои им треба потпора за успешно да се претстават и развијат на пазарот. Верувам дека ќе имаме успешен проект, задоволни потрошувачи и задовлни нови соработници, рече Христовска.

На „стартап хероите“ им посака да станат препознатлив бренд на пазарот, да остварат убави продажби и да го прошират своето производство.