Од утре штрајк во јавниот сектор. Владата и Сојузот на синдикати на Македонија не се договорија за покачување на платите. Решение ќе се бара по пат на помирување, со посредник од Министерството за труд.

Додека Владата е оптимист дека наскоро ќе се најде решение, Синдикатот е разочаран од средбата на која, како што велат, се разговарало за сè, освен за покачување на платите.

Инаку, вчера во рамки не комисиската расправа за ребалансот на буџетот пратениците од владејачкото мнозинство не го прифатија амандманот на ССМ за покачување на платите во јавниот сектор.

Од владејачката СДСМ се правдаат дека не го гласале амандманот за да не се наштети на процесот на преговори, со кој би требало да се најде системско решение за раст на платите.

Реакции има и од Социјалистичката партија на Македонија.

„Достоинството на македонскиот работник повторно е погазено од страна на отчовечените пратеници на СДСМ и ДУИ за кои бараните 2.806 денари се безвредни иако им е познато дека за обичниот работник тој износ е надеж за негово преживување“, велат од СПМ.

Според пресметките на ССМ, покачувањето на платите во јавниот сектор буџетот ќе го чини околу 30 милиони евра. Освен линеарно зголемување на сите плати согласно растот на минималецот, ССМ бара нов колективен договор и враќање на регресот за годишен одмор во висина од 30 до 100 проценти од просечната плата.