Трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити продолжи и во јануари 2022 година. Таа се сведе на ниво од 4,35 проценти. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,71  процент, информира денеска Народната банка во соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците.

Според НБ, во јануари годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити забележа месечен пад од 0,02 п.п. и изнесува 4,35 проценти. На годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните кредити е намалена за 0,27 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,71 проценти и бележи месечен и годишен пад од 0,03 п.п. и 0,22 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јануари, изнесува 3,84 проценти и остварила месечен раст од 0,23 п.п., додека на годишна основа е пониска за 0,14 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити, пак,  бележи месечно и годишно намалување од 0,17 п.п. и 0,09 п.п., соодветно и изнесува 0,53 проценти.

Во јануари, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата оствари месечно намалување од 0,02 п.п. и изнесува 5,16 проценти. Притоа, според НБ, падот е резултат на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п., соодветно) и пад на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.). Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена
за 0,29 п.п. на годишно ниво.

Минатиот месец каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата се намалила за
0,02 п.п. на месечно ниво и изнесува 0,70 проценти.  Падот е одраз на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,03 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула се непроменети. Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата бележи годишно намалување од 0,19 п.п.