Според податоците на Народната банка пад на просечните каматни стапки на кредитите и депозитите има и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор.

Каматните стапки на кредитите и депозитите и во август забележаа намалување во однос на претходниот месец, покажуваат статистичките податоци на Народната банка.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август бележи дополнително намалување во споредба со јули и се сведе на ниво од 4,73 отсто додека просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесуваше 0,99 отсто.

Во август просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесуваше 3,94 отсто, додека на новопримените депозити забележа  месечен пад од 0,15 процентни поени и се сведе на 0,54 отсто.

Според категоријата на кредитите кај корпоративиот сектор просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесуваше 3,85 отсто, додека кај новоодобрените кредити таа изнесуваше 3,58 отсто.

Кај домаќинствата каматната стапка на вкупните кредити во август изнесуваше 5,55 отсто, додека кај новоодобрените кредити достигна  4,37 отсто.

Кај депозитите забележан е пад на каматите и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор.

Така, просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата во август оствари месечен пад од 0,05 процентни поени и изнесуваше 0,98 отсто. Кај новите депозити на домаќинствата просечната камата изнесуваше 0,66 отсто.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во август се намали за 0,14 процентни поени  и на месечно ниво и изнесуваше 1,15 отсто, додека кај новите депозити во овој сектор каматата достигна 0,41 отсто.