Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги предлага во категоријата ранливи потрошувачи кои би користеле енергетски ваучер да влезат и домаќинства кои добиваат постојана социјална парична помош, домаќинства во кои нема ниту еден вработен, кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на приходи; домаќинства кои имаат невработено лице, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување и истиот е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има еден пензионер што добива минимална пензија (прва група) и таа пензија е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата; домаќинства кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност и во домаќинството има дополнителен приход во висина од минимална плата, заклучно со периодот на траење на пандемијата.

Овој предлог РКЕ го достави до Министерството за економија, а е подготвен во соработка со Електродистрибуција, по препорака на Енергетската заедница со цел да се намали енергетската сиромаштија кај домаќинствата кои не се во целосна финансиска кондиција да ги подмират сметките за електрична енергија.

„Со ова, практично и формално ја почнуваме иницијативата со која сакаме да го зголемиме опфатот на домаќинствата кои не можат во целост да ги подмират фактурите за електрична енергија, или поголем дел од нивните приходи одат за плаќање на фактурите. Целта е преку субвенционирање на одредена сума од страна на државата да се надмине овој проблем“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Секретаријатот на Енергетската Заедница со седиште во Виена ги промовира за социјална енергетска заштита на ранливите потрошувачи.

Неодамна, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач, укажа дека неопходно е да се обезбеди заштита на ранливите  потрошувачите.