Бескаматни кредити за ликвидност на малите и средните фирми, субвенции за придонеси, намалување на камати и парафискални давачки формирање фонд за поддршка на туризмот, забрана за извоз на брашно, предвидува сетот мерки за поддршка на ликвидноста на стопанството и за заштита на работните места, што го најави вчера владиниот економски тим по анализите со стопанските комори на последиците врз економијата од коронавирусот.

Народната банка разгледува предлог-одлука за методологија за управуваање со кредитен ризик, со која би се влијаело на олеснување на условите за реструктуирање на кредитите на погодените сектори, како и на станбените кредити на граѓаните. Целта е да се олеснат условите за реструктурирање на кредитите на погодените сектори, односно да се променат договорните услови како намалување на каматната стапка, одобрување грејс период, продолжување на рокот на отплата…

Како што објави вицепремирката за економски прашања Мила царовска, обезбедени се 5,7 милиони евра преку Развојната банка РСМ за микро, малите и средни компании чија економска активност е погодена од корона вирусот. Секоја компанија во зависност од бројот на вработени ќе може да добие од три до 30 илјади евра. Ќе се субвенционираат и 50 проценти од придонесите за плати за април, мај и јуни во секторите туризам, угостителство, транспорт и погодени компании.Во Фондот што ќе се формира за поддршка на туризмот Министерството за економија ќе пренамени 44 милиони денари, а Агенцијата за промовирање на туризмот ќе го дополни овој фонд со 30 милиони денари. Ќе се побара и од ЗАМП да ги стави во мирување побарувањата кон угостителските објекти во следните шест месеци.

Најпогодените фирми од кризата ќе бидат ослободени од плаќање аконтации од данок на добивка за април, мај и јуни. Услов е да не исплатиле дивиденда во текот на 2020, односно да не исплатат бонуси и годишни награди и да не го намалат бројот на вработени. За 50 проценти се намалува законски утврдената затезна камата, како и казнената камата за јавни давачки. Министерството за финансии ќе даде препорака на провајдерите за 50 проценти да ги намалат и цените за одржување на фискалните каси.

-Државниот Буџет моментно е стабилен, но тоа во услови на намалена економска активност ќе се смени многу бргу, фискалниот простор е ограничен и треба многу претпазливо да управуваме со оваа кризна состојба. Буџетот на Министeрството за здравство има простор успешно да одговори на здравствената криза, оцени вчера министерката за финансии, Нина Ангеловска, посочувајќи дека се очекува најголемиот шок да биде во вториот квартал, а опоравувањето да започне од третиот и веќе да има стабилизација во четвртиот.

Според гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, макроекономската состојба е стабилна, девизните резерви се на адекватно ниво, а банкарскиот сектор е стабилен, но загрижуваат ризиците насочени кон реалниот сектор  поради што преземаат мерки во рамки на своите законски надлежности.

Инфлацијата е на ниво од 0,7 отсто што е пониско од очекувањата, девизните резерви се на ниво од три милијарди евра,  двојно повеќе од нивото во 2008 година и се на адекватно ниво за справување со какви било потенцијални шокови. Не постои никаков ризок, во однос на девизниот курс, тврди гувернерката Ангеловска Бежоска.

Централната банка минатата недела ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,75 отсто, а со цел да се овозможи одржување на кредитниот циклус и да се ублажат ефектите од негативниот шок врз домашната економија, а особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор.

Покрај првично предвидените 5,7 милиони евра за бескаматни кредити за фирми, како што најави Ангеловска, се разговара за обезбедување на уште шест милиони евра, а ќе се користат и средства со интервентните мерки што ги подготвуват Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.  Веќе е побарано од Европската инвестициска банка одобрената кредитна линија од 50 милиони евра што се пласира преку Развојната банка на РСМ да се искористи за дополнително ставање во функција на стопанството како помош на ликвидноста поради состојбата со коронакризата.

Претходно, со одлука на Владата беа замрзнати цените на основните продукти:  леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Како резултат на кризата бројни компании се реорганизираат, ги менуваат работните процедури, воведуваат технологија и работа од далечина. Некои компании погодени од мерките за превенција од Владата како што се угостителите воведуваат нови начини на продажба и достава на нивната храна. Проценките на финансиските институции се дека  некои ќе бидат затворени,  некои ќе растат и во време на кризата, а некои со мерките на адаптирање ќе ги минимизираат негативните ефекти и ќе ги премостат ликвидносните проблеми,  со и без кризни мерки.

Домашните стопански комори и транспортни асоцијации изминатиот период побараа мерки за помош на  ликвидноста во работењето.

Претседателот на СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев, по објавата на економските мерки од влаидниот економски тим изјави дека Владата планира и дополнителни согласно развојот на ситуацијата.Тој побара и воведување вонредна состојба за да може да се спроведат мерките.

– Допрва државата ќе развива економски мерки. Буџетот е ликвиден, државата е стабилна и растоварена од големи долгови и подготвена е да се справи со оваа многу тешка криза. Сите мора да бидеме солидарни, најмногу државата, буџетот, институциите и потоа сите. Ќе трпиме сите и колку порамномерно се распроделува толку полесно ќе се поднесе кризата, рече Заев, посочувајќи деја граѓаните треба да знаат оти последиците ќе бидат големи.

Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски,  кредитната линија од 5,7 милиони евра не е доволна и ако нема поголема помош од државата фирмите ќе банкротираат. Во клучните два месеца се очекува негативното влијание на економијата да изнесува 220 милиони евра или месечно да се губат по 110 милиони евра. Потребно е замрзнување на обврските на компаниите кон државата чија работа е погодена со новонастанатата сосотјба со корона вирусот. Замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодавателите за март, како и државата да ги ослободи компаните од торшоците за придонеси за вработените во секторите туризам, угостителство, текстилната, кожарска индустрија и сите погодени со корона вирусот, препорача Мицкоски.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески викендот во изјава за МИА рече дека  македонското стопанство се наоѓа пред најголемиот предизвик досега. Интерните анкети на комората покажале дека состојбата меѓу компаниите е демотивирачка зашто недостасува предвидливоста како клучен фактор за бизнисот, наведе Азески посочувајќи дека во вакви услови треба да бидат избалансирани степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив. Комората вчера уште еднаш апелира недвосмислено да се каже дека со сите средства државата ќе го сочува бизнисот на краток рок.  Останува и на ставот дека се потребни максимални напори на тешко преговарање за да се дојде до најдоброто решение зашто во меѓувреме работите се менуваат од час во час.

– Најдоброто решение во моментов е на стопанските субјекти јасно и недвосмислено да им се предочи дека со сите средства кои стојат на располагање, државата на краток рок ќе ги сочува бизнисот и компаниите за тие да ја сочуваат неа на среден и долг рок. Втората работа што треба да се нагласи во овој момент е дека не треба да има недообјаснети формулации. Јасно треба да се каже дека ќе се употреби сè за да ја совладаме оваа огромна опасност и по нашите животи и по опстојувањето на бизнисот. Се разбира дека после тоа ќе се седне и повторно со преговори ќе се најде начин да се надомести направената штета. Ова не е работа за која сме ние виновни, но е работа за која сме одговорни. Да ја изведеме со најголем степен на ризик, зашто само така можат последиците да бидат помали, истакнува Комората.

Заради заедничко утврдување на клучните приоритети за што поуспешно справување на македонската економија со тековните состојби, Стопанската комора за денеска и дутре најави состаноци – на компаниите-најголеми извозници во македонската економија со директорот на Царинската управа, како и на претседателите на здруженијата според дејности со креаторите на економските политики.