Доколку е завршена постапката за достава на табелата на доверителите со оспорени побарувања, на 6 ноември во основниот Граѓански суд Скопје треба да се одржи првото стечајно рочиште за побарувањата од Еуростандард банка.

Стечајот го води Душко Тодевски, а банката ја изгуби дозволата за работа пред речиси три месеци. Според податоците од НБРСМ, во Еуростандард банка имало повеќе од 2.000 сметки на фирми, со дури 13 милиони евра.

Свои сметки имаа и 136.000 домаќинства, кои во банката чувале  99,3 милиони евра или вкупно 112,3 милиони евра. Според регулативата, депозитите на домаќинствата до 30.000 евра се исплаќаат преку фондот за обезбедување депозити и досега се исплатени околу 80 проценти од штедачите. Останатите депоненти со влогови над 30.000 евра ќе чекаат наплата од стечајната маса.