Русија одлучи дека отсега плаќањата за рускиот гас за „непријателските земји“ ќе се вршат во рубљи, а нема да прифаќа „компромитирани“ валути, вклучувајќи долари и евра.

Ова вчера го соопшти рускиот претседател Владимир Путин на седница на Владата, нагласувајќи дека ќе продолжи да испорачува сино гориво во согласност со обемот и цената наведени во договорот и дека ќе се менува само валутата на плаќање.

По наредбата на Путин, цената на гасот за испорака во април во холандскиот центар ТТФ скокна за речиси 20,3 отсто, на 1.353 долари за 1.000 кубни метри. Рускиот претседател и нареди на владата да издаде соодветна директива до „Гаспром“ за измени на постоечките договори. Министерството за финансии и руската централна банка во рок од една недела треба да ја утврдат процедурата според која увозниците на сино гориво ќе купуваат рубљи на домашниот пазар. Бојан Станиќ, помошник директор на Секторот за стратешки анализи на Стопанската комора на Србија, објаснува дека тоа е удар за доларот како светска валута, со кој се купува гас и нафта.

– Доколку се купи во друга валута, ја намалува можноста САД да го финансираат својот буџет со печатење пари – прецизира Станиќ. – Тоа е добро за Русија, бидејќи земјите кои се на нивната листа на непријатели ќе мора да купуваат рубљи во банките во Русија, што значи дека во нивната земја ќе влезат девизи. Друг начин е тие земји да набавуваат рубљи на меѓународниот девизен пазар, што позитивно ќе се одрази на руската валута. Ова ќе ја зголеми неговата вредност поради скокот на побарувачката.

Европската унија годишно троши 200 милијарди кубни метри руски гас. Да претпоставиме поволна ситуација, дека земјите од ЕУ ќе можат да го купат ова гориво во просек поевтино, на пример, 500 долари. Во тој случај би морале да заменат 100 милијарди долари за рубљи за да ги набават потребните количини сино гориво.

Списокот на непријателски земји и територии ги вклучува оние кои воведоа или се приклучија на санкции против Русија. Тоа се САД и Канада, земјите од ЕУ, Велика Британија, Украина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Андора, Исланд, Лихтенштајн, Монако, Норвешка, Сан Марино, Македонија, како и Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајван.