Сред најавите на метеоролозите дека Европа ќе ја погоди една од најтешките зими во последните години, Германија одби да издаде дозвола за ставање во функција на гасоводот Северен тек 2, што може да предизвика несогледливи последици по енергетскиот систем во Европа.

Германскиот енергетски регулатор, претходно соопшти дека не очекува да донесе одлука за сертификација на гасоводот Северен тек 2 во првата половина на 2022 година. Тоа значи дека има големи шанси во еден момент радијаторите во Европа да останат ладни, што ќе предизвика немири на Стариот континент. Тоа би бил само почеток на пеколот што и се заканува на Европа оваа зима.

Рускиот претседател Владимир Путин, смета дека тие што не дозволуваат да се стави во функција проектот „Северен тек 2“ се однесуваат глупаво бидејќи дополнителните испораки на гас на европскиот пазар секако би ја намалиле цената на берзата. Путин истакна дека се согласува со изјавата на лидерот на партијата ЛДПР, Владимир Жириновски, дека „во Европа не допуштаат да проработи Северен тек 2 и сега ќе смрзнуваат“.

„Тоа беше нивен избор, не сакаат да купуваат директно од нас. И за нив цената би се намалила, значително. Тие едноставно ја сечат гранката на која седат. Тоа е изненадувачки, но сепак, тоа е нивен избор. Не го смисливме ние тоа, туку тие“, истакна рускиот претседател.

Многу земји, вклучително и Украина, не сакаат да купуваат гас директно од Русија и според Путин самите придонеле за поскапување на горивата, бидејќи почнале со реверсна испорака на руски гас.

Европската Унија го претвора проектот за гасоводот „Северен тек 2“ во монета за „поткусурување“ во борбата против Русија. Европските политичари се подготвени да платат од својот џеб за да ја покажат атлантската солидарност во борбата против Москва, изјави во саботата заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.

Тој ги коментираше зборовите на министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, која изјави дека не исклучува „Северен тек 2“ да не биде пуштен во употреба, во случај на ескалација околу Украина. Рјабков потенцира дека тоа е очекувано, иако е за жалење, но не треба да се драматизира, меѓудругото, затоа што никој не планира да ја нападне Украина.

Како што рече Рјабков, во Европа воопшто не се загрижени за цената на гасот и какви се перспективите на договорот, туку тие се подготвени да одат до крај без разлика на сè, само за да ја доведат Москва во непријатна ситуација, спротивно на сопствените интереси и интересите на нивните сојузници.

„Гаспром“ веќе неколку дена по ред не ги резервира капацитетите на гасоводот „Јамал-Европа“ за транзит на гас низ Полска, покажуваат податоците од аукцијата на „платформата ГСА“. Според руската компанија причина за тоа е недоволната побарувачка на гас во Европа.