Иако договор со „Рајанер“ нема, Владата најавува нови летови кон Виена, Краков, Вроцлав, Палермо и Алгеро, а „Визер“ планира седми авион во Скопје.
„Рајанер“ засега отпаѓа од македонската авио-приказна, но по најавите летото нема да помине без нови линии. Владата најавува пет нови авиорелации од Скопје и Охрид, во обид земјата да ја прошири поврзаноста во период кога авиоиндустријата се соочува со сериозни потреси, повисоки трошоци и проблеми со капацитетите.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека разговорите со „Рајанер“ не завршиле со договор, бидејќи државата не прифатила услови што, според него, би значеле привилегирање на една компанија на сметка на останатите авиопревозници.
Тој потсети дека државата субвенционира 9 евра за секој странски патник што пристигнува на скопскиот аеродром и 12 евра за патник на охридскиот аеродром. Според Николоски, Македонија останува отворена за соработка со сите авиокомпании, но не и за модели во кои една компанија би добила два и пол пати повисока поддршка или би условувала укинување на други линии во нејзина корист.
Пет нови линии за летната сезона
Според најавите, „Аустриа ерлајнс“ ќе воспостави директна линија Виена – Охрид, а во јуни треба да почнат и две нови линии од Полска до Охрид, од Краков и Вроцлав.
Од скопскиот аеродром, пак, се најавуваат две летни дестинации кон Италија: Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Со тоа, летната мрежа треба да добие повеќе туристички линии, особено кон дестинации кои се атрактивни за сезонски патувања.
Николоски тврди дека Македонија е единствена земја во регионот што отвора нови авиолинии во период на голема криза во авиоиндустријата. Тој најави дека паралелно се водат разговори и со други заинтересирани авиокомпании.
Дополнително, „Визер“ треба да стационира седми авион на скопскиот аеродром, што може да отвори простор за нови летови и поголема фреквенција на постојните линии. Според најавите, компанијата размислува и за можноста да развива база на охридскиот аеродром.
Во однос на снабдувањето со керозин, Николоски изјави дека земјата има резерви над законскиот минимум и дека состојбата е стабилна. Според него, дел од другите аеродроми се снабдуваат од Македонија, што покажува дека во моментов нема ризик за редовното функционирање на летовите.
Останува да се види колку од најавените планови навистина ќе се реализираат и дали новите линии ќе опстанат и по летната сезона. Македонскиот авио-пазар и досега знаел да добие гласни најави, но вистинскиот тест ќе биде бројот на патници, интересот на авиокомпаниите и тоа дали Скопје и Охрид ќе успеат да задржат стабилна мрежа, а не само сезонски летови на хартија.