Како одговорен за продажба и финансии на работа, знам колку им е тешко на луѓето кои секојдневно работат со бројки. Но, од друга страна, пак, ако земеме дека сè во животот е поврзано со бројки и со математика, тогаш мислам дека ова важи за сите.
Работата со бројки бара одговорност, посветеност и константност. Првиот момент кога тоа ќе ви дојде во рутина, тогаш веќе нема драж во работата. Но, секако, за да бидете мастер во работата со бројки потребно ви е:
– Фокус — да бе луѓе, за да се работи со бројки, треба да имате добра концентрација и намалена можност за врева. Јас, кога работам со бројки, се одвојувам во посебна канцеларија (условите тоа ми дозволуваат), или ако не ми дозволуваат условите, или доаѓам порано на работа, или од дома седнувам и работам.
– Мир и тишина — поврзано со претходното, мир и тишина му треба секому, а најмногу кога се работи со бројки. Затоа, денот или саатот/саатите кога ќе работите со бројки, замолете никој да не ви влегува во канцеларија, ставете знак на врата „забранет влез“ или доколку во канцеларија може секој да ви влегува, напишете знак дека — од тогаш до тогаш — може да се влегува! Работата со бројки бара мир и тишина, бидејќи се бара концентрација, а ако постојано ве прекинуваат, тогаш грешките се повеќе од возможни!
– Дискреција — кога се работи со бројки, потребна е максимална дискреција во тоа што го работите. Тоа значи дека компјутерот, калкулаторот или вие самите не можете да бидете изложени на постојан увид на којшто било помине. Работите со бројки и математики кои не треба баш секој да ги знае. Оние работи кои секој треба да ги знае, може да ги најде на некој пребарувач.
– Чиста околина — имав еден бивш партнер, кога ќе дојдеше кај мене во канцеларија, ме гледа во очи и ми вели: лево од тебе имаш фактура од таа и таа компанија на износ од таа и таа сума, десно од тебе имаш тоа и тоа. Од тогаш, масата ми е чиста, а само кога работам со фактури, математики и што било, можно е да биде расфрлано, но кога ќе завршам, пак собирам сè на едно место! Ако треба утредента да продолжам, тогаш пак одново.
– Проверка — сепак, се работи за бројки, можни се и грешки. Пред да кажете дека е крај, проверете не еднаш, туку и два пати ако треба. Дополнително на ова, ако треба и испратете некому за проверка да види со други очи (што се вели). Понекогаш, кога си премногу внесен во бројките, нешто не се забележува! Имам колега кој екселот го проверува со калкулатор, за двојна проверка на она што го напишал/израчунал, па сега вие видете J
Не знам што да ви кажам повеќе освен, уживајте во работата со бројки, не за друго, како што и напоменав погоре, животот е бројки. Мене ми е многу жал што ова „доцна” го дознав, но никогаш не е доцна.
Со успех во бројките,
Преземено од @kalin.babusku TipOftheWeek