Kанцеларијата за економски и трговски прашања на Амбасадата на Грција во Скопје во соработка со Царинската управа на Северна Македонија денеска организираше работилница на тема „Подобрување на економската и царинска соработка во време на криза“, на која беа поканети и претставници од бизнис-секторот од двете држави, како и од земјите од регионот.

– На работилницата се дискутираше за нови можности за трговија и инвестирање во Република Северна Македонија, олеснување на трговијата и намалување на трошоците, како и привлекување нови инвестиции. Посебен акцент беше ставен на мерки и активности во насока на олеснување на протокот и подобрување на безбедноста во глобалниот синџир на снабдување. Царините на двете земји имаат воспоставено одлична соработка на различни нивоа. Во периодот што претстои заеднички се работи на продлабочување на соработката од аспект на проширување на Зелените коридори, коишто веќе функционираат меѓу земјите од регионот, како и воведување на концептот „One stop shop”, соопшти Царинската управа.

Претставници од Управата ги презентираа нејзините иницијативи со цел да им помогне на економските оператори и инвеститорите преку поедноставени царински процедури, локално царинење, концептот на Овластен економски оператор, како и новите олеснителни правила на потекло и понатамошна дигитализација.

Поздравно обраќање на работилницата имаа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, директорката на Царинската управа на Република Северна Македонија Славица Кутиров и директорот на Царинската и даночна управа на Грција, Константидос Муртидис.